Општина Центар го финализираше договорот за реконструкција на улицата „Елисие Поповски“ во Капиштец. Улицата „Елисие Поповски“ ќе добие нов асфалт на површина од 4.822 квадратни метри и рабници, а постојните шахти ќе бидат подигнати и нивелирани.
Вредноста на договорот за реконструкција изнесува 11 милиони денари.
– Со реконструкцијата ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на севкупната сообраќајна безбедност за возилата, пешаците и за велосипедистите. Покрај тоа, со реконструкцијата ќе се овозможи и подобар и побрз пристап до клиничкиот центар „Мајка Тереза“ преку оваа улица – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Покрај улицата „Елисие Поповски“, во буџетот за 2024 година, општината има предвидено средства и за реконструкција на улиците: „Дебарца”, „Светозар Марковиќ” и улицата „Блаже Тодоровски” која е во завршна фаза.