Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изрази сочувство до муслиманските верници и до палестинскиот народ по убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије, велејќи дека одмаздата на Израел е должност на Техеран.
„Злосторничкиот и терористички ционистички режим маченички го уби нашиот драг гостин во нашата куќа и не растажи, но подготви и терен за жестока казна“, рече ајатолахот.
Тој истакна дека смета дека е должност на Иран да се одмазди за убиството на лидерот на Хамас, бидејќи убиството се случило во Техеран, пренесува Ал Џезира.
Иранската револуционерна гарда утринава соопшти дека Ханије и неговиот телохранител биле убиени во Техеран, каде лидерот на Хамас присуствувал на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
Никој не ја презеде одговорноста, но Израел е осомничен дека стои зад убиството, кој претходно вети дека ќе ги убие лидерите на Хамас за нападот на групата на 7 октомври, според АП.
Хамас го нарече убиството во наводниот воздушен напад „сериозна ескалација“ и се закани со „војна за ослободување на Ерусалим“.
Израел не излезе со соопштение во врска со убиството, што е често случај кога станува збор за атентати извршени од израелската разузнавачка агенција Мосад, наведува американската агенција.