Лукашенко одлучи да го помилува германскиот државјанин Рик Кригер осуден на смрт

68

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко одлучи да го помилува германскиот државјанин Рик Кригер, кој беше прогласен за виновен по шест члена од Кривичниот законик и осуден на смрт под обвинение за тероризам, соопштија денеска за „Белта“ од прес-службата на Лукашенко.

Како што претходно беше најавено, Кригер му се обрати на претседателот на Белорусија со барање за помилување.

Се нагласува дека Лукашенко имајќи ги предвид сите околности ја донел одлуката за помилување на Кригер.

Претходно агенцијата објави дека Лукашенко најавил дека тој како претседател ќе ја донесе конечната одлука за тој случај по консултација со луѓе запознаени со ситуацијата.

Во интервју за државната телевизија Белорусија-1 емитувано минатата недела, Кригер рече дека имал задача од украинската безбедносна служба СБУ да фотографира воени локации во Белорусија минатиот октомври и му било кажано да постави експлозив на железничка линија југоисточно од Минск.

Ројтерс јавува дека не е познато дали Кригер зборувал под принуда.

Министерството за надворешни работи на Германија претходно овој месец потврди дека германски државјанин е осуден на смрт во Белорусија, единствената европска земја во која се уште се применува смртната казна, пренесува Танјуг.