Општина Неготино ќе помогне во лекување на младата Матеа Стаменова

34

Градоначалникот на Општина Неготино, Горан Стојанов, на Фејсбук информираше дека Општината ќе издвои средства за лекување на младата Матеа Стаменова од Неготино, на која потребно е да ѝ се изврши оперативен зафат во Бугарија.

– Како градоначалник на Oпштина Неготино ја информирам јавноста од општината и пошироко, дека, како локална самоуправа, во рамките на расположливите средства, финансиски ќе го помогнеме лекувањето на нашата млада сограѓанка Матеа Стаменова. Матеа е 11 годишно девојче со здравствени проблеми и потребно е да и се изврши оперативен зафат во Бугарија, што чини седум илјади евра со дополнителни трошоци за постоперативно закрепнување – вели Стојанов.

Тој упати апел до сите поединци, фирми, установи и други кои имаат можност да донираат средства за побрзо оздравување на Стаменова.