Смрдеа на изгорена пластика ги буди жителите на Козле од сон

608

Жителите на Козле, во близина на хотелот „Гранит“, се жалат дека веќе подолго време, ноќе и во раните утрински часови чувствуваат неподнослива смрдеа на чад. Велат, страшната миризба ги буди од сон, па затоа и во жешките летни горешини не можат да  отворат прозорец. Се плашат дека се работи за токсичен воздух кој може да наштети на децата, на повозрасните граѓани како и на хронично болните. Помош побарале и во институциите, пријавиле загадувањето до сите надлежни инспекторати, локалната власт, но миризбата продолжува.

– Веќе подолго време (неколку години) се случува во текот на летото, во раните утрински часови (околу 3:00-4:00), да нè буди мирис на чад (кој има специфичен мирис и повеќе мириса на изгорена пластика или на хемикалија). Мирисот е дотолку интензивен што нè буди и од сон и трае од половина до максимум еден час и потоа го снемува. Јас не можам да забележам дали чади од некаде, бидејќи живеам на пониско и немам таков видик за да можам да забележам дали доаѓа од некаде – вели жител во зграда во Козле, кој се јави и во Редакцијата на весникот ВЕЧЕР.

Вели дека го пријавувал случајот до Општина Карпош (која се има изјаснето како ненадлежна) и до други институции во државата, меѓутоа сè уште ништо не е решено.

Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), вели дека под нивна надлежност се големите објекти со А интегрирана еколошка дозвола, но во Козле, вели тој, нема такви објекти.

– Можеби, станува збор за мала работилница, и тоа е под надлежност на општинскиот Инспекторат. Тие нека си се договорат со градскиот Инспекторат кој ќе постапува – вели Блинков.  

Гордана Максимовска, општински инспектор за животна средина во Општина Карпош, изјави за весникот ВЕЧЕР дека е запознаена со пријавениот случај, но потенцира дека работат од 7:30 до 15:30 часот и немаат дежурна служба да изврши контрола со оглед на тоа што се појавува мирисот на чад во раните утрински часови.

– Доколку изворот на загадување е од правен субјект, прекуден можеме да го контролираме, но навечер немаме дежурна служба – ни рече Максимовска и нè упати да се обратиме до Инспекторатот на Град Скопје.

Оттаму, пак, ни изјавија дека веќе постапуваат по пријавата.

– Инспекторатот на Град Скопје постапува, ја констатира состојбата на терен, и по наодот и извештајот, ќе извести за утврденото – се вели во краткото известување од Град Скопје.

(С.Бл.)