Почина и третото девојче кое беше повредено во нападот со нож во Англија

465
EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Деветгодишно девојче почина во болница по вчерашниот напад со нож во Саутпорт, потврди полицијата.

„За жал, можеме да потврдиме дека третото дете почина како резултат на повредите здобиени во напад со нож во Саутпорт вчераутро. Деветгодишно девојче почина во болница во раните утрински часови“, соопшти полицијата од Мерсисајд.

„Можеме да потврдиме дека во вчерашниот напад загинаа и девојчиња од шест и седум години. Осум деца се здобиле со убодни рани при нападот, а пет од нив се во критична состојба. Двајца возрасни исто така се во критична состојба откако се повредени за време на инцидентот“, се додава во соопштението за медиумите.

17-годишник од селото Бенкс во Ланкашир е уапсен и е задржан под сомнение за убиство и обид за убиство. Селото, кое се наоѓа недалеку од Саутпорт, од вчера е под полициска опсада.

Полицијата вчера околу 11:50 часот по локално време добила дојава за нападот со нож. Нападот се случил за време на детска работилница која вклучувала танц и јога. Итната помош испратила 13 амбулантни возила, а полицијата брзо го фатила напаѓачот и му го одзела ножот.

Британија: Во Саутпорт маж повреди неколку лица со нож