Македонскиот џудист Еди Шерифовски, не успеа да направи изненадување и загуби од Гиљерме Шмит во својот настап на Летните олимписки игри. Бразилецот е панамерикански шампион, џудист со многу успеси на големи натпреварувања, па иако Еди активно ја започна борбата тоа не беше доволно да се направи позитивен резултат против јужномаериканецот. Шмит славеше со 11-0 односно со ипон.
Еди беше трет македонски спортисти со настап на ОИ. Претходно на „борилиштата“ излегоа пливачот Никола Ѓуретановиќ и стрелачката Анастасија Мојсовска.
Ѓуретановиќ (16) имаше симболичен настап на Олимписките игри во Париз. Тој трката на 400 метри слободно ја исплива со време од четири минути, пет секунди и 38 стотинки, недоволни за настап на главната трка. Ѓуретановиќ има само 16 години и беше првиот македонски спортист кој се појави на Игрите оваа година, а по трката истакна дека имал многу трема за време на настапот.
Стрелачката Анастасија Мојсовска исто така не се пласираше во финалето на дисциплината воздушна пушка на 10 метри. Дваесет и двегодишната Мојсовска оствари вкупен резултат од 625,3 поени по шесте серии пукање во квалификациите, со што го зазеде 31. место во конкуренција на 43 натпреварувачки. Овој резултат е послаб од нејзиниот личен рекорд од 628,8 поени.
На 8 август, следува и настапот на големата надеж за медал, оној на Мила Релиќ, за кога се закажани борбите во категоријата до 57 килограми.
Еден од оние што ветуваат добар настап е и Владимир Егоров. Него ќе го видиме во првата, осминафинална, рунда на 8 август, од 11:30 часот. Борбите во репасажот се закажани за 9 август, во 11:00 часот.
Ќе ги завршиме овие Олимписки игри со маратонската трка на Дарио Ивановски, кој ќе истрча на улиците на Париз на 10 август.