Приказната за еден од најперспективните млади голмани во италијанскиот фудбал ќе ја започнеме со неговото потекло, кое има индиректна врска со фолк-музиката. Имено, повозрасните читатели на ВЕЧЕР се сеќаваат на македонската фолк-пејачка од 90-тите години на минатиот век, Лидија Милошевиќ, со прекар Саманта.

Лидија има две сестри, од кои едната, Кики, пред дваесетина години се пресели во Италија, поточно во градот Џенова. Таму, на 27 јануари 2006 година, се роди Лука Родолфо, чиј татко е поранешен чувар на мрежата на ФК Сампдорија.

Бидејќи крушата под круша паѓа, како што се вели, Лука уште од мали нозе го засака фудбалот. Започна да тренира и во 2022 година го имаше своето деби за Сампдорија, за младинскиот тим до 17 години, за наредната 2023 година да дебитира за младинците до 18 години. Во моментот, тој е еден од голманите на младинскиот тим на Сампдорија до 21 година, кој игра во Примавера италијанската фудбалска лига.

Како што пишува италијанскиот спортски весник CALCIO NET, Лука е талентиран, млад фудбалер, кој секогаш е подготвен да даде сè од себе на теренот, на секој натпревар.

Сето ова беше доволен предизвик да го побараме Лука, преку неговиот агент, и да направиме интервју специјално за весникот ВЕЧЕР.

Здраво, Лука! Што те врзува за Македонија?

  • Иако сум роден во Џенова, мојата мајка е од Македонија и јас сум горд што имам директна врска со таква убава земја. Толку многу имам слушано за неа од мајка ми.

Кога започна да тренираш фудбал?

  • Го засакав фудбалот уште како дете. Татко ми беше голман, мојот дедо од страна на мајка ми беше голман во ФК „Војводина“ од Нови Сад и бидејќи сите во мојата фамилија го сакаат спортот, и јас се заинтересирав за фудбалот.

Зошто ја избра голманската позиција?

  • Тоа беше навистина чиста случајност. Кога бев мал, игравме со другарчињата. Никој не сакаше да биде голман, а сите сакаа да играат. Јас им реков дека јас ќе застанам да бранам. Тој ден, јас се вљубив во голманската позиција и оттогаш до денес не ја напуштам.

Кој беше првиот клуб за кој настапи како голман за прв пат?

  • Се работеше за еден мал клуб од мојот роден град, Атлетик Албаро, но потоа желбата за напредок ме доведе во Сампдорија, сегашниот мој клуб.

Неодамна потпиша договор со овој клуб до 2025 година?

  • Токму така, тие, веројатно, ги забележале мојата физичка способност, мојата техника и натпреварувачка експлозивност, па ми понудија договор и јас прифатив. Многу сум среќен поради тоа, затоа што тоа значи дека клубот верува во мене и ќе ми овозможи да напредувам во професионалната кариера.

Дали се напорни тренинзите?

  • Морам да кажам дека во професионална екипа каква што е Сампдорија, тренинзите се многу напорни и бараат голема физичка издржливост, но кога се работи за напредок во кариерата, ништо не ми е тешко.

Кој е твојот идол меѓу светските голмани?

  • Дефинитивно, тоа е Мануел Ноер од Германија, бидејќи ми се допаѓа што употребува различни стилови во одбраната на својот гол, кои мене многу ми се интересни.

Дали си настапувал досега за некоја од младинските репрезентации на Македонија и дали би го  прифатил повикот?

  • Не сум, иако еднаш добив повик да настапам за У-16 фудбалската репрезентација на Македонија, но не заиграв. Имам огромна желба и ќе ми биде голема чест доколку ме повикаат во иднина. Со гордост би застанал на голот на репрезентацијата од земјата од каде што потекнува мојата мајка.

(Љ.А.)