Се случи необична сцена на утринските квалификации на натпреварите во пливање, на Олимписките игри во Париз. Имено, пред да започне една од квалификациските трки на 100 метри градно во женска конкуренција, на базенот се појави маж во шарени гаќички за капење.
Девојките веќе беа поставени на стартните блокови пред квалификациската трка кога беше побарано да се симнат оттаму. Во базенот влезе неочекуван гостин.
Според правилата на Светската федерација за пливање, пред почетокот на некоја трка не смее да има никаков предмет во базенот. Во тој момент почнаа да се слушаат свирежи од трибините, додека мажот, со насмевка на лицето, одеше кон базенот.
Застана на работ од базенот и скокна во водата. Однадвор се чинеше дека се работи за навивачка шега или за инцидент, но никој од обезбедувањето не му пријде. Сето ова се случи со причина. Непознатиот маж во шарени гаќички за капење имаше јасна цел: да ја земе капата за пливање што му падна на еден пливач на претходната трка и да ја извади од базенот.