Во земјите од регионот денеска се активирани црвени или портокалови метео аларми кои предупредуваат на многу високи температури, а метеоролозите повикуваат на почитување на правилата во дадените временски услови.
Температурата ноќеска во Дубровник беше 30 степени, 29 степени во Сплит, а 28 степени во Риека. Врвот на топлотниот бран во Хрватска е најавен за денеска. Во поголем дел од земјата ќе биде многу топло, а само три хрватски региони Осиек, Карловац и Госпиќ немаат издадено предупредување за екстремно високи температури.
Во сите земји од регионот е издадено предупредување за многу висок УВ индекс.
Во Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина денеска се очекува температурите да достигнат до 39 Целзиусови степени, а на сила е портокалово предупредување. На повеќе места се очекува и тропска ноќ бидејќи минималната температура ќе се задржи над 20 степени.
„Преземете мерки, се очекуваат екстремно високи температури. Заштитете се себеси, децата и старите лица. Следете ги советите од надлежните органи“, предупредуваат метеоролозите.
Во Црна Гора ќе биде сончево и многу топло, а прогнозираната температура до 39 степени, во Подгорица дури 40 степени Морето ќе биде брановидно, а температурата ќе биде 25 степени.
Топло и многу топло време ќе има и во Македонија, а метеоролозите најавуваат дожд со грмежи и град за крајот на денот во западниот дел од земјата.
Според прогнозата на Републичкиот хидрометеоролошки завод денеска во Србија ќе биде претежно сончево и многу топло. Ветерот ќе биде слаб до умерен, источен и североисточен. Утринската температура ќе се движи од 16 до 24, дневната од 35 до 39 Целзиусови степени.
Во Србија во наредните седум дена се очекува долготраен и изразен топлотен бран. Претежно сончево во текот на денот со највисока дневна температура на повеќето места од 35 до 40 степени и тропски ноќи во градските средини.
За викендот и почетокот на следната недела ќе има локален развој на облачност попладне на север, запад и југозапад од Србија и ретка појава на краткотраен дожд или врнежи со грмежи.