Борел: Волјата на венецуелскиот народ мора да се почитува

30

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел повика на почитување на волјата на венецуелскиот народ, кој на последните избори го реизбра Николас Мадуро за претседател.

„Народот на Венецуела мирно и во голем број гласаше за иднината на својата земја. Нивната волја мора да се почитува. Обезбедувањето целосна транспарентност во изборниот процес, вклучително и детално пребројување на гласовите и пристап до гласачките записи на избирачките места, е од витално значење“, рече Борел на платформата Х.

Николас Мадуро (61) е прогласен за победник на претседателските избори во Венецуела, со 51 отсто од гласовите наспроти 44 отсто од опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес, објави Националниот изборен совет (ЦНЕ).

Набргу откако националното изборно тело на Венецуела ја прогласи победата на претседателот во заминување Николас Мадуро на претседателските избори, опозицијата објави дека нивниот кандидат Едмундо Гонзалес е „убедливиот победник“.

„Победивме со 70 отсто од гласовите. Венецуела има нов избран претседател и тоа е Едмундо Гонзалес Урутија“, рече лидерот на опозицијата Марија Корина Мачадо во обраќањето пред новинарите во Каракас вечерва по локално време.

Таа разговараше со новинарите во присуство на опозицискиот претседателски кандидат Едмундо Гонзалес, чија победа, додаде, беше убедлива.