Не само вработување лекари туку и вработување медицински сестри бараат од Унијата на ЗМСТАС, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“. Според светските здравствени стандарди, на еден лекар треба да има вработување на три медицински сестри. Оваа нивна реакција следува по најавите на министерот за здравство, Арбен Таравари, дека ќе се вработат, во два наврата, 600 лекари, приватни специјализанти.
Тие, како што велат, редовно ги следи сите активности на Министерството за здравство и сметаат дека треба малку повеќе да се посвети на основните права и на работните услови за сестринската професија во нашата земја.
– По објава на министерот Таравари дека oваа година во буџетот ќе се предвидат нови вработувања на 300 доктори, напоменуваме дека, според светските здравствени стандарди, императивно ќе биде потребно и вработување нови од 600 до 900 медицински сестри и техничари, согласно со законскиот сооднос 1:3. Во спротивно, ќе бидеме соочени со повеќе негативни фактори, кои ќе влијаат не само на сестринските професија и дигнитет туку и на неможноста за остварување на сите права на пациентите и негата, но и грижата за нив на сите нивоа – реагираат од Здружението.
Тие укажуваат дека во последната комуникација со министерот Таравари, конкретно на оваа тема, било посочено дека ќе биде подготвен дополнителен протокол со кој ќе се изнајде решение и за медицинските сестри, без притоа да се постават временски рокови кога би се случило тоа.
– Покрај новите вработувања, мора се пронајде и решение за медицинските сестри со постоен статус „договор на дело“, за кои имаме информации дека им се прекинати во одредени здравствени институции или, пак, се отпуштени оттаму. Затоа апелираме најхуманата професија и една од најважните алки во здравствениот систем да не се остава повторно на маргините и крајно сериозно да се сфати нејзината круцијална улога во давањето квалитетна здравствена услуга – вели сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата и ЗМСТАС „За нас“.
Таа укажува дека излевањето на медицинските сестри, „согорувањето“ на работните места, лошите работни услови и образовната дисфункционалност се дел од проблемите што Министерството за здравство и досега требало и морало да ги стави во преден план, со нудење соодветно решение, за што нуделе и нудат конкретна и професионална соработка и адекватни предлози за решавање и надминување на проблемите еднаш засекогаш како во секоја европска земја.
– Унијата, како единствен репрезент на сестринската професија во нашата земја, со над 5.000 членови, будно го следи носењето на одлуките за подобрување на статусот на медицинските сестри и искрено се надеваме дека актуелните ветувања и нашите големи очекувања од средбите и со актуелниот министер за здравство нема да донесат исти разочарувања и провизорни, кратковременски и популистички мерки како досега, кои би поттикнале на незадоволство и остварувања на сестринските права со други законски дозволени начини и решенија, кои само би оделе на штета на пациентите, но и на имиџот и кредибилитетот на нашиот здравствен систем пред СЗО и пред европската и светска јавност – реагираат од Унијата на ЗМСТАС. (В.Ма.)