Собирачите на смет велат, поради малите плати, никој не сака да ја работи оваа работа. Посочуваат дека нередовното собирање смет е поради тоа што нема возачи да ги возат камионите, а дел од нив се нерегистрирани. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, смета дека ЈП „Комунална хигиена“ нема капацитет за да одговори на обврските и тој го гледа решението во негова трансформација и преземање на надлежностите од скопските општини
Скопјани од сите делови на градот со денови реагираат на нередовното собирање на сметот, особено во населбите каде што домаќинствата го собираат ѓубрето во пластични канти. Иако има одредено денови кога камионите на ЈП „Комунална хигиена“ доаѓаат да го собираат сметот, не се почитува тоа, па засегнатите граѓани прашуваат која е причината за тоа. Тие се револтирани затоа што во услови на високи температури, од преполнетите канти се шири неподнослива реа и се плашат од можноста за појава на заразни болести.
Граѓани од Гази Баба реагираат дека цела општина е со ѓубре на сите страни и предлагаат, во знак на револт, да се однесе сметот од неиспразнетите канти, со приколка, пред Владата.
– Како и мене што ми мириса екстра така и ним да им мириса… Ова е срам! Кај нас, веќе 10 дена нема чистачи, а ќе се бараат пари за да се плати сметкате – вели гневна скопјанка.
На жителка на Гази Баба ѝ се пожалиле вработени од ЈП „Комунална хигиена“ дека нередовното собирање на сметот е поради тоа што никој не сака да работи за мали плати. Посочиле дека нема возачи да ги возат камионите за собирање отпад, а дел од нив не се регистрирани и затоа има недостиг од возила.
За ваквата состојба повеќе пати реагираше и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој го гледа решението во трансформирање на ЈП „Комунална хигиена“ и во преземањето на ингеренциите на претпријатието од скопските општини. Во вчерашната изјава за весникот ВЕЧЕР, тој истакна дека за тоа е потребна согласност од Град Скопје, која во моментот не ја дава.
– На почетокот, скопската градоначалничка даваше поддршка на ваквиот процес, но сега одлучи да го блокира и да не дозволи трансформација на претпријатието. Во моментов, ниту градоначалничката ниту директорот на ЈП „Комунална хигиена“ имаат капацитет да ја сработат работата за која се платени од граѓаните и затоа сите скопски општини, без исклучок, бараме во неколку наврати, но и сега, да се трансформира ЈП „Комунална хигиена“ – дециден е Ѓорѓиевски.
Тој вели дека е скептик оти до завршувањето на мандатот на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ќе се оствари оваа иницијатива. Тоа значи дека и во иднина Скопје ќе биде натрупано со ѓубре, а граѓаните ќе се гушат во смрдеа.
Дека ќе има поголем ефект доколку им се додели собирањето на сметот и одржувањето на хигиената исклучиво на општините, чист пример е Општина Центар, која воведе посебен сектор за одржување на хигиената во рамките на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Сега, во оние делови што се во исклучива надлежност на Општината, хигиената е на повисоко ниво, а тоа го потврдуваат и самите жители.
Од ЈП „Комунална хигиена“, пак, велат дека го собираат отпадот согласно со годишната оперативна програма.
– Сепак, се соочуваме со проблеми во врска со непрописното фрлање на отпадот околу контејнерите и јавните површини, што бара дополнителни ресурси. Програмата за дополнителни активности и ангажирање дополнителен број работници сè уште не е усвоена од Советот на Град Скопје, што директно влијае на извршувањето на сите активности на претпријатието – образложуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека располагаат со доволен број возила за извршување на своите работни обврски и задачи во согласност со оперативната програма и оти регистрирањето, сервисирањето и одржувањето на возилата се вршат редовно, во согласност со потребите. Воедно, потенцираат дека платите на вработените во
Повторно расчистена дива депонија во населбата Даме Груев
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ во четвртокот спровеле вонредна активност за расчистување дива депонија, создадена од непрописно фрлен отпад на улицата „Лука Геров“ (во близина на градинката „Пампурче“), во населбата Даме Груев, на територијата на Општина Ѓорче Петров.
– Оваа акција беше неопходна за враќање на јавната површина во претходната состојба и спречување понатамошно создавање на слични проблеми – соопштија од претпријатието.
Оттаму, повторно апелираат до сите граѓани да се придржуваат до правилата за фрлање на комуналниот отпад.
– Секој отпад треба да се фрла исклучиво во контејнерите и да се избегнува оставање отпад околу контејнерите. На тој начин, ќе се придонесе за одржување на чистотата и уредноста на нашата околина и ќе се спречи формирањето нови сметишта и диви депонии – потенцираат од ЈП „Комунална хигиена“.
(А.П.)