За претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, растот на БДП се темели само на домашната потрошувачка, фокусот мора да биде на мерките за зголемување на нето-извозот. Ставот на пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, за предложениот ребаланс на буџетот предизвикува голема загриженост и страв. Тој смета дека со ребалансот ќе добиеме чудовиште од јавен долг од над 68 %. Аналитичарот Синиша Пекевски посочува дека ребалансот на буџетот е повеќе социјален отколку економски ребаланс, бидејќи најголем дел од средствата повторно се одлеваат на плати, покачување на пензиите…

 

Продолжи вториот ден од комисиската расправа за ребалансот на буџетот. Во своето експозе, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, објаснувајќи дека ребалансот е скроен согласно со затечените состојби во буџетот и дека се обезбедени средства за сето она што треба да се исплати согласно со закон. Според неа, вкупните приходи во ребалансот на буџетот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. Процедурално, општата расправа за ребалансот на буџетот трае најмногу 3 дена, а амандманската расправа, за која се поднесени 58 амадмани, 6 дена.

За претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, клучните поенти околу обезбедувањето стабилност на буџетот се макроекономските претпоставки и долгорочната одржливост на јавните финансии. Според него, целиот раст на скромните 2,1 отсто на БДП доаѓаат од домашната потрошувачка.

– Го поздравуваме брзиот ребаланс за буџетот, се усогласи со најновите макроекономски движења кои, имајќи ги предвид движењата во ЕУ, како наш најголем трговски партнер, која сè уште е во забавен раст на 0,8 отсто на годишно ниво, очекуваме тоа да има високо влијание врз макроекономските движења во Македонија. Тука МФ зема една прудентна претпоставка од 2,1 отсто БДП, 2,6 е на НБ, МФ со предлог-буџетот одеше со 3,4 проценти и кога го изнесовме ние мислењето за буџетот за 2024 година, кажавме дека овие ризици треба перманентно да се следат и да се усогласуваат. Она што сакам да го истакнам, што не беше на соодветен начин потенцирано од Министерството за финансии, е дека целиот раст и на овие скромни  2,1 отсто доаѓаат од домашната потрошувачка. Значи, во однос на претходната година, нам нето-извозот ни се намалува за 5 проценти поени. Значи, ако лани ние сме имале покриеност на увозот со извор од 75 проценти, оваа година имаме околу 70 проценти – рече Бишев во обраќањето на Комисијата, по експозето на министерката за финансии и дополни дека, како мала и отворена економија, ние нема да може да го компензираме растот со стимулирање само на домашната потрошувачка.

Тој смета, фокусот мора да биде на мерките за зголемување на нето-извозот. Бишев, меѓу другото, рече дека со ребалансот на буџетот се предвидува раст на вкупните буџетски приходите од 14,8 проценти, а на расходите од 13,8 проценти. Со тоа, вкупните буџетски приходи достигнуваат скоро 35 проценти од БДП, а вкупните буџетски расходи – 40 проценти од БДП.

Од Фискалниот совет упатија на две прашања што треба да се проверат. Првото се однесува на приходите по основ на даноци од добивка на корпорациите, кои се проектирани да растат со 20 проценти, во услови кога реалниот БДП ќе расте со 2,1 проценти, ако планираниот данок остане 10 проценти. Второто прашање се однесува на бројките проектирани во ребалансот во однос на придонесот за вработување и за здравство, кои препорачуваат да се проверат. Бишев ја кажа и оценката за ефектите од најавеното зголемување на пензиите не само за буџетот за 2024 туку и за целиот период.

Околу буџетскиот дефицит, ФС рече го охрабрува Министерството за финансии што поскоро да го примени Европскиот систем на сметки од 2010 година каде и дефицитот и доспеаните, а неизмирени обврски, и на државните претпијатија и на државните институции, да бидат вкучени во дефицитот и во јавниот долг.

За пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, предложениот ребаланс на буџетот предизвикува голема загриженост и страв и не само што не одговара на реалните  потреби на нашата економија туку е и крајно опасен за иднината на нашата земја.

– Со ребалансот ќе добиеме чудовиште од јавен долг од над 68 % – рече Битиќи во делот на расправата за ребалансот на буџетот.

Според него, во делот на приходната страна на буџетот, кај задолжувањата во странство, од првично проектираните 728,6 милиони евра, има зголемување на нови 826,2 милиони евра, и тоа е зголемување на јавниот долг кон надвор за околу 100 милиони евра. Битиќи смета дека во проектираниот раст на долгот не може да се препознаат парите од задолжувањето што „пријателски премиерот ни го договори идните генерации да го отплаќаат кон Унгарија“. Тој предупреди дека јавниот долг ќе се зголеми далеку од проектираните 68 % од БДП.

Битиќи предупреди дека со ребалансот, освен што се зголемува задолжувањето кон странство, имаме и раст на долгот внатре во државата.

– Наместо да се води политика што ќе ги поттикнува домашните компании со лесен пристап до кредити од локалните банки, Владата ги „заробува” овие средства, создавајќи финансиска препрека за развој на приватниот сектор. Со оваа политика, не само што ќе се намали финансискиот капацитет на банките да поддржуваат нови проекти и инвестиции туку ги принудува и домашните компании да се задолжуваат во странство, под услови кои се договорени вонсистемски, во четири очи, а кој знае, можеби и на други места – укажува Битиќи.

За аналитичарот Синиша Пекевски, ребалансот на буџетот е повеќе социјален отколку економски ребаланс, бидејќи најголем дел од средствата повторно најмногу се одлеваат на плати, покачување на пензиите, придонеси, на покривање на нефункционалните претпријатија како „Македонски пошти“, „Железници“, наместо средствата да се искористат и да се поттикне и развие стартап екосистемот, кој би требало да биде двигател на економскиот развој.

– Покачувањето на платите и повторната помош на нефункционалните јавни претпријатија само ќе ја зголеми задолженоста на државата и нема да има никаква дополнителна вредност, само краткорочно задоволување на барањата и зголемување на јавниот долг – смета Пекевски.

(В.Ма.)