Среде туристичка сезона, а на задоволство на туристите со скромен буџет грчките власти се справуваат со бизнисите кои ги узурпираат плажите со чадори и лежалки чие изнајмување „солено“ го наплатуваат. Но, на мета се и туристите кои на плажите оставаат врзани лежалки, столици и чадори за сонце, и со тоа си „резервираат“ место за себе, не оставајќи простор за другите.
Министерството за национална економија и финансии на Грција вчера соопшти дека контролирало 750 бизниси на 150 плажи низ државата и од казни наплатило 800.000 евра. Општините, пак, со булдожер собираа столици, лежалки и чадори за сонце. Во Албанија годинава изнајмувањето лежалки поскапе и ги избрка туристите, а сега е бесплатно, откако реагираше премиерот Еди Рама. Слични акции очекуваат и туристите кои одат на одмор во Хрватска и во Црна Гора.
Среде туристичка сезона, а на задоволство на туристите со скромен буџет грчките власти се справуваат со бизнисите кои ги узурпираат плажите со чадори и лежалки чие изнајмување „солено“ го наплатуваат. Но, на мета се и туристите кои на плажите оставаат врзани лежалки, столици и чадори за сонце, и со тоа си „резервираат“ место за себе, не оставајќи простор за другите.
Министерството за национална економија и финансии вчера соопшти дека примило 500 пријави од граѓани за неправилности, па во последните три недели направиле над 4.500 контроли на 150 плажи во цела Грција и изрекле казни од над 800.000 евра. Министерството соопштии дека пријавите биле и телефонски и преку специјалната апликација „MyCoast“, а контролите опфатиле над 750 бизниси на плажи во земјата, од кои најголемиот број на Халкидики, Крф, Атина, Превеза, како и островите во Егејското море. Најмногу пријави имало за регионот на Халкидики, вкупно 1. 396, каде биле извршени контроли на осум плажи и 38 бизниси и биле констатирани осум прекршоци.
-Општата слика од масовните контроли во последните седмици е јасно подобрена во споредба со претходните години, бидејќи поголемиот дел од бизнисите кои работат на плажите ги почитуваат новите правила и новата законска рамка. Сепак, од проверката на пријавите произлегоа и доста прекршувања, како што се недостиг на ознаки и пречекорување на зафатениот простор со дополнителни чадори и други градби, како и случаи каде доплнителниот зафатен простор бил произволен без договор за концесија, соопштија од министерството.
На официјалната фејсбук страница на општината Полигирос, пак објавени се фотографии и има има опис на тоа како се одвивала акцијата на плажата Каливи, каде се отстранувани реквизити за плажа поставени од граѓани. Акцијата почнала рано изутрината, во 6.30 часот, со камиони и багер.
-Дел од летувалците кои сфатија што се случува притрчаа на самото место за да си ги соберат работите, а оние кои немаа време имаат можност да ги подигнат од службата за чистење на општината во Полигирос каде што се задржани. Веќе еден месец како сме информирале дека ќе почнеме чистење на плажите од чадори и лежалки, бидејќи посочивме дека се поставени нелегално. Не е можно некои туристи да си ги приватизираат плажите. Можеби во сите изминати години имаше толеранција за оваа незаконитост, но ова треба да заврши. Се работи за почит кон сите, изјави заменик-градоначалникот за секојдневен живот, Василис Фардоџанис, посочувајќи дека оваа операција ќе се повторува се додека не се сфати дека плажите треба да бидат достапни за сите граѓани.
Такви акции деновиве имаше и на плажите во Касандра, каде претходно беше соопштено дека оставените реквизити треба да се отстранат најдоцна до четвртокот вечерта, за да не бидат одземени.
-Општината ќе започне со отстранување чадори, лежалки и каков било вид на прицврстени конструкции, кои се поставени од страна на туристите на плажите, а се со траен карактер. Нивното поставување и трајниот престој е нелегален. Сите оставени реквизити ќе бидат отстранети како загадувачи, се вели во соопштението.
Што се однесува до хотелите, бич баровите и рестораните, според грчките закони, тие можат да постават чадори и лежалки на 50 проценти од плажата, а остатокот треба да е слободен за таканаречените пешкир туристи. Ако се работи за заштитено продрачје, комерцијално може да се користат само 30 проценти од него. Но, бизнисите претераа, па оставија премалку место за луѓето кои не можат или не сакаат да платат за лежалки. Движењето против оваа незаконитост се јави лани, на островот Парос на Кикладите, познат како Санторини за сиромашни, но и по тоа што Грците љубоморно го чуваат за себе, противејќи се на масовниот туризам. Револтирани од тоа што плажите се окупирани од изнајмувачи на реквизити, тие се побунија против „чадори за сонце мафијата“ со акција позната како „двожење на пешкирите“.
На плажите на Парос, но речиси и на сите други го Грција тешко се наоѓа место за да се стави пешкир, зашто секаде има лежалки поставени од фирми, хотелиери, сопственици на бич барови или кафулиња. На пример, луксузните лежалки на Парос чинат и до 120 евра.
Во Албанија требаше да интервениера премиерот Еди Рама, за да се приземјат изнајмувачите на лежалки и чадори кои годинава забегаа со цените и со тоа ги избркаа туристите. По неговите критики од пред некој ден лежалките на албанското приморје се бесплатни. Вчера Рама постираше видео запис од исчистени плажи во Валона, на кои се поставуваат чадори за сонце и лежалки, кои туристите ќе ги користат без да платат за нив.
-Со систематизацијата на јавната плажа во Валона, каде не само што се нуди бесплатен простор, туку и бесплатни чадори и лежалки за сите туристи кои сакаат да уживаат на брегот, ви посакувам убав ден, напиша Рама на Фејсбук, најавувајќи вакви активности и во другите туристички места.
Причина за неговата реакција беше тоа што за разлика од изминатите сезони, кога лежалките беа бесплатни, ова лето на некои од плажите цените почнуваа од 2 илјади лека (20 евра) до 15. 000 лека (150 евра).
Туристите кои одат на одмор во Хрватска и Црна Гора очекуваат тамошните надлежни служби да ги следат примерите од Грција и Албанија. Регулативата за тоа колкав дел од плажата треба да биде слободен е речиси иста и во Црна Гора и Хрватска, но и во двете земји од година на година угостителските објекти зафаќаат се повеќе простор, оставајќи помалку од една третина од плажите за луѓето кои сакаат да легнат на свој пешкир. Во Црна Гора, на пример, на голем дел од песочните плажи се поставени не само лежалки за изнајмување, туку и маси од рестораните на кои се служат оброци. Туристите кои не изнајмуваат лежалки се тискаат и се караат за малку простор колку да стават еден пешкир. А цените за изнајмување две лежали и чадор за сонце се солени. Ретко се наоѓаат за 10 евра, најчесто за дваесетина, а се движат до вртоглави 250 евра.
Во Хрватска, пак, годинава се зголеми наемнината што и се плаќа на државата за просторот на плажа, па поскапе изнајмувањето лежалки, додека место за ставање пешкир има се помалку. Туристи пријавуваат асурдни ситуации со кои се соочуваат кога сакаат да одат на плажа во Хрватска. Така, само за влез на плажа во камп на Хвар треба да се платат две евра.
ВО ОХРИД ЦЕНИТЕ КАКО ВО СЕН ТРОПЕ – ЛЕЖАЛКИ 10 ЕВРА, „АМИ СО ЧАДОР!“
Летувањето во Охрид годинава е како во Сен Тропе. Охриѓани „забегале” со цените, па тие им се високи дури и на германските туристи со кои разговаравме на познатата плажа на Потпеш. Велат, во Охрид е многу скапо и сместувањето, и храната, и пијалоците.
– Видете, за еден сладолед во тегличка, ни наплатија 9 евра – вели нашиот соговорник од Германија, кој е со своето семејство на двонеделно летување во Охрид и кој вели дека одморот го чини околу 3.000 евра.
А, дека е во право, се уверивме и самите. Две лежалки на плажа чинат 10 евра. На прашањето што добиваме за тие пари, момчето ни одговори: „Ами чадор!“
Мало пиво, 0,33, во стаклено шише е 250 денари, лименка „кока-кола“ 180 денари, а ладно нес кафе, ако начекате, е 220 денари.
Во Дојран, пак, цените годинава се горе-долу слични со минатогодишните.
За две лежалки и чадор со гратис 2 нес-кафиња и 2 води се наплаќа по 300 денари.
Хамбургерот на плажа се продава по 170 денари, а пивото – 90 денари.