Уште еден прекрасен концерт на класична музика се вброи во програмата на 64. Издание на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“. Контрабасистот Доминик Вагнер и пијанистката Софија Палуровиќ, млади уметници со високо уметничко реноме ја воодушевија публиката, како со својот виртуозитет, така и со внимателно избраниот репертоар за летната фестивалска ноќ.
За пијанистката Палуровиќ која по потекло е од Србија, но живее и работи во Австрија, огромна е честа редовно да се настапува со Вагнер со кого, како што вели, го дели и приватниот живот.
-Музиката за контабас заслужува поголемо внимание отколку што добива. До пред неколку години ни самата јас не бев свесна колку прекрасна музика и прекрасни аранжмани постојат за контабас, но свирејќи со Доминик се уверив колку е богат тој репертоар. Во Охрид поточно во црквата „Света Софија“ сум вторпат, првиот пат кога имав само 13 години учествував на едно натпреварување и за мене беше едно до најубавите места на кое сум настапила, вели Палуровиќ.
Доминик Вагнер е посветен на идеалот да го извади контрабасот од сенка на виолончелото и да ги прикаже индивидуалните можности на овој најдлабок инструмент во групата гудачки инструменти.
-Секогаш сакам да комбинирам дела кои ѝ се познати на публиката со некои композиции кои не ги познаваат. Вечерва свиревме соната од Бетовен и композиција на Малер аранжирана за контрабас и пијано. Тие се познати композитори, но потоа го свиревме Ботесини кој е попознат помеѓу контабасистите и Андрес Мартин кој често ја изненадува публиката. Кога ќе го прочита името на Бетовен, публиката знае што да очекува, но со Мартин секогаш се пријатно изненадени и возвраќаат со позитивна реакција, вели контрабасистот Вагнер кој целата позитивна енергија што ја располага како личност и како уметник вчеравечер ја сподели со публиката.
Контабасистот Вагнер успева во неговата намера не само со неговото сценско присуство, туку и со импресивната виртуозност, лирска мелодичност, како и со постојаните напори да го прошири репертоарот за контрабас преку нарачки на нови дела, транскрипции на постоечки композиции, истражувања во потрага по ретки дела, а заедно со неговиот татко, композиторот Волфрам Вагнер транскрибираат дел од концертот за виолончело од Дворжак во концертна композиција за контрабас која својата премиера ја имаше минатата година во Луцерн.