Директорката на Тајната служба поднесе оставка поради обидот за атентат врз Трамп

125

Директорката на Тајната служба, Кимберли Читл, поднесе оставка во вторникот по големиот бес поради неуспехот на нејзината агенција да спречи обид за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп на предизборниот митинг во Пенсилванија претходно овој месец, објави CNBC.

Нејзината ставка дојде еден ден откако беше критикувана од членовите на комисијата на Претставничкиот дом на сослушувањето за активностите на Тајната служба за време на митингот на Трамп на 13 јули во Батлер.

На тоа рочиште, Читл одби да поднесе оставка, велејќи дека таа е најквалификуваната личност да ја предводи Тајната служба, која е одговорна за заштита на претседателот, потпретседателите, нивните семејства и водечките претседателски кандидати.

– Обидот за убиство на поранешниот претседател Доналд Трамп на 13 јули е најзначајниот оперативен неуспех на Тајната служба во последните децении – рече таа за време на сослушувањето пред Надзорната комисија на Претставничкиот дом.

Читл рече дека ја презема целосната одговорност за какви било безбедносни пропусти како директор на Тајната служба.

– Тајната служба целосно соработува со тековните истраги за инцидентот – рече таа.

Таа рече дека Тајната служба го идентификувала лицето кое се обидело да го убие Трамп како „сомнително“ пред Трамп да излезе на сцената во Батлер, Пенсилванија.

– Тоа лице е идентификувано како сомнително – рече таа.

Да потсетиме дека Трамп, кој е републикански претседателски кандидат, за влакно избегна да биде застрелан од 20-годишниот вооружен напаѓач Томас Крукс. Во престрелката загинал еден пожарникар од публиката, а двајца мажи беа тешко повредени.