Македонските ракометни надежи одново ја израдуваа нацијата, откако забележаа голем успех на Европското првенство во Словенија. Младинците, предводени од селекторот Раде Стојановиќ, одиграа одличен турнир, кој го крунисаа со пласман на деветто место. По тој повод Ракометната федерација на Македонија (РФМ) реши да ги награди ракометарите и стручниот штаб. Паричната награда која што ќе ја одвои федерацијата ќе изнесува еден милион денари.

„Ве известуваме дека Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно член 35, 59 и 60 од Статутот поради итност на донесување на одлука согласно Член 3 точка 11 „Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) донесе одлука за доделување на парична награда.

Управниот одбор на (Ракометната Федерација на Македонија) РФМ одреди парична награда во вкупна вредност од 1.000.000,00 денари за машката младинска ракометна репрезентација (стручен штаб и ракометари родени 2004 и помлади), за освојување на деветтото место на Европското првенство за ракометари до 20 години во Словенија.

Со почит, Ракометна Федерација на Македонија“, стои во објавата на РФМ.

Претходно младите ракометаби беа на прием и кај министерот за спорт, Борко Ристовски. Тој им се заблагодари на репрезентативците за успешното претставување на земјата и упати искрени честитки до младинците, стручниот штаб и федерацијата. Македонија на Европското првенство загуби само еднаш, а до деветтото место стигна со победата над силната и моќна Франција.

-Нашите надежи „за влакно“ не се пласираа во четвртфиналето, но потоа прикажаа феноменални игри во мечевите за конечен пласман. Овој успех е плод на напорната работа, посветеноста и нивната тимска игра, кажа министерот Ристовски.