За да се извадат нови лични документи во Македонија се потребни среќа, челични нерви, врски и познанства. Гужвите и нервозите се и натаму секојдневие пред шалтерите во просториите на МВР во Телевизија, каде што се поднесуваат барања и се врши фотографирање за исправите. Иако метежот во споредба со периодот од пред февруари кога сите македонски државјани беа приморани да ги заменат документите со новото уставно име, е намален сепак, колоните пред шалтерите и натаму се долги најмногу од нашите иселеници кои го користат одморот за да ги обноват документите.
Обидите на надлежните да стават ред и да ги намалат нервозите дадоа некои резултати но, не го решија проблемот. Ни со телефонски или онлајн закажувања и известувања не се растеретија гужвите, а многумина се жалат дека земаат одмор и слободни денови од работа и губат драгоцено време пред шалтерите.
Нова надеж дека на граѓаните повеќе нема да им паѓа мрак на очи од помислата дека терба да извадат некој личен документ дојде по состанокот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски кој бил во насока на почеток на процесите за дигитална трансформација на услугите и процесите во министерството. Дигитализацијата на услугите и процесите на сите државни институции и органи е еден од главните столбови во владината програма.
Во тој контекст, фокусот беше насочен во подобрување на постојните и креирање на нови електронски услуги од делокругот на работа на МВР, изработка на нова модерна веб страна на министерството, каде граѓаните ефикасно и брзо ќе ги пронајдат сите информации кои им се потребни.
„Ја разгледавме и можноста за дигитализација на личните документи, односно креирање на електронски лични документи, развој на електронска апликација во делот на дозволите за оружје, други можности за дигитализација на работата и процесите во полицијата кои ќе овозможат поефикасна, модерна полиција, која користејќи ги бенефитите на модерната технологија ќе испорача поефикасни услуги и поголема безбедност за сите граѓани. “, потенцираше министерот Тошковски.
Маката за промена на личните документи има и висока цена. Имено, од март лани, откако се зголемија цените едно четиричлено семејство за сите документи плаќа околу 10 илјади денари. Инаку, голем број од граѓаните кои се сликале за лична карта и пасош пред неколку месеци сеуште чекаат да им бидат изготвени.
Инаку, клучно за дигиталната трансформација, како што потенцираше деновиве министерот Андоновски, е институциите да комуницираат меѓу себе преку националната платформа за интероперабилност (платформа за електронска размена на податоци меѓу институции и за комуникација на институции со приватен сектор и граѓани) која, според него, иако е воведена во 2015 година, денес ја користат само 50 институции. Тоа, според Андоновски, е стагнација, но и полоши резултати од пред една деценија, затоа што, како што рече, стагнацијата во оваа сфера значи регрес.
-Не можеме да зборуваме за вештачка интелигенција, за алатки за подобрување на транспарентноста, откривање потенцијални случаи на корупција, доколку над 90 проценти од институциите своите податоци ги чуваат на хартија или ги разменуваат меѓу себе на традиционален начин и не се поврзани меѓу себе во една дигитална околина… Системот постои, го има, но институциите не го употребуваат. Ова е основата за сите идни чекори, затоа што не можеме да зборуваме за поврзаност ако институциите не сакаат да разменуваат податоци преку националната платформа за интероперабилност, вели Андоновски.