Топлотниот бран ја тресе цела Европа, а надпросечно високи температури се измерени и во Македонија. Пеколните горештини ќе продолжат и во наредните денови, а српскиот метеоролог Иван Ристиќ истакнува дека покрај високите температури голем проблем е и спарината.
Според последните метеоролошки прогнози до петок во Македонија ќе биде активно портокалово ниво за опасност од високи температури, а за време на викендот, особено во сабота во попладневните часови ќе има појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневната температура постепено ќе опаѓа.
Инаку денеска времето ќе биде сончево и топло со мала до умрена облачност. Ова е временската прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од каде посочуваат дека максималните тепмератури ќе се движат до 42 степени.
„Во Скопје сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Во околните планински подрачја ќе има услови за краткотраен дожд и грмежи“, информира УХМР.
И следните денови, според прогнозата на УХМР ќе биде сончево и топло со максимални дневни температури над 30 степени, а на некои места ќе надмине и 40 степени.
Но, ова не е последниот ваков топлотен бран летово. Метеорологот Ристиќ посочува дека во август не очекува уште еден топлотен бран.
„Сигурно ќе има уште еден налет од 10-15 дена, па мора да се навикнеме на овие нови метеоролошки појави, да живееме со тоа, што да правиме. Нема да ги видиме тие пријатни лета кога навечер температурата ќе падне на 13-18 степени, на такво време можеме да заборавиме“, вели Иван Ристиќ во утринска програма на српска телевизија.