Најбогатиот Индиец за женидбата на синот потроши над 500 милиони фунти и угости 5.000 најбогати луѓе

408

Најбогатиот Индиец за својот син ја организираше најскапата, а сигурно и најдолгата свадба на светот.

Свадбата на милијардерот Мукеш Амбани, Анант (29) и неговата избраничка Радика Мерчант (29), почна во март, а заврши во неделата со свечен прием во конгресниот центар Џио Ворлд Драјв во Мумбаи, во сопственост на семејството Амбани. Како што пренесе АП, свеченоста била дел од Фестивалот на блаженството.

До вчера сообраќајот во делот на Мумбаи, каде што се одржуваше венчавката, беше со посебен режим, поради доаѓањето на голем број гости. А меѓу гостите, според Си-ен-ен биле и поранешните британски премиери, Тони Блер и Борис Џонсон, музичките ѕвезди Адел, Лана Дел Реј, Дрејк, како и фудбалската ѕвезда Дејвид Бекам, старлетите Ким и Клои Кардашијан, поранешната мис на светот од Индија, Пријанка Чопра… Но семејството Амбани сè уште не го потврди списокот на гости.

Овие промени во сообраќајот предизвикаа гнев кај граѓаните кои веќе се соочуваат со голем метеж во Мумбаи, а луксузот доведе многумина да покренат прашања за растечката нееднаквост во Индија, каде што јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува.

Инаку, свадбените свечености почнаа уште во март, кога семејството на младенците организираше тридневна забава, на која присуствуваа 1.200 гости, меѓу кои и поранешни светски лидери, бизнисмени и ѕвезди од Боливуд, а настапи и Ријана. Подоцна, во мај семејството однесе гости на тридневно крстарење од Италија до Франција, а за забавата беа задолжени Кејти Пери и Питбул.

Семејството Амбани, наводно, резервирало 100 приватни авиони за да превезат гости од цел свет во Индија, а биле сместени во хотели со пет ѕвездички. Речиси сите такви хотели во Мумбаи биле резервирани и платени од семејството Амбани.

За оваа свадба, која веднаш ја нарекоа свадба на годината, се проценува дека се потрошени околу 563 милиони фунти, а музичките ѕвезди наводно биле платени со шест, па дури и седумцифрени износи. За украсување се искористиле 20 милиони цвеќиња, имало код за облекување испишан на 18 страници, а понудени биле 37.500 опции за оброци. Меѓу гостите биле и 5.000 најбогати луѓе во светот. Се очекува младенците да добијат подароци во вредност од над 100 милиони фунти.

Според магазинот „Форбс“, Мукеш Амбани е деветти најбогат човек во светот, со богатство проценето на 116 милијарди долари. Невестата Радика Мерчант е ќерка на фармацевтскиот бизнисмен Вирен Мерчант и е маркетинг директор на неговата компанија „Енкор Хелткеар“.