Атентаторот на Трамп бил супер паметно, осамено момче, тивко како глушец

1305

По обидот за атентат Трамп пристигна во Милвоки каде што треба да биде официјално номиниран за претседателски кандидат на републиканците. Тој изјави дека ова за него било надреално искуство. Во интервјуто за „Њујорк пост“, што го даде на летот за Милвоки, рече дека докторот во болницата му рекол дека никогаш не видел такво нешто и дека тоа „е вистинско чудо“. Додека американската јавност ги брои пропустите на тајните служби, Трамп вели дека е воодушевен од брзината на нивната реакција. Кога го симнале од бината, останал без чевли

 

Супер попаметен, тивок како глушец, со малку пријатели, секојдневно малтретиран во училиште од врсниците. Вака оние кои го познавале го опишуваат 20-годишниот Томас Крукс, кој го рани претседателскиот кандидат Доналд Трамп во обид за атентат, а потоа беше убиен од полицијата.

Како што е познато, во саботата попладне од покрив на зграда, оддалечена 130 метри од бината, тој почна да пука кон Трамп на неговиот митинг во Батлер, Калифорнија, со полуавтоматската пушка на неговиот татко. Во престрелката Трамп беше лесно ранет во уво, но загина 50-годишен маж, а тешко беа ранети уште двајца присутни на митингот.

Според податоците, што вчера ги откриваа ФБИ и американските медиуми, Крукс работел во кујна на старечки дом во близина на Питсбург. Средно училиште завршил во 2022 година, со репутација на бистар, но тивок соученик. На неговиот профил на социјалните мрежи, како што соопшти ФБИ, тој не најавил што има намера да направи, односно немало никакви заканувачки зборови ниту нешто што би открило проблеми со менталното здравје. Исто така, за него нема регистрирано криминални активности. Според ФБИ тој дејствувал сам, а мотивот сè уште е неидентификуван.

Крукс бил регистриран републиканец, кој своето прво гласање би го имал на претседателските избори на 5 ноември. Но и покрај политичката определба, донирал 15 долари за каузата на Демократската партија, за која била неговата мајка. Според негов соученик, во средно училиште, политика воопшто не го интересирала, а бил фокусиран на градење компјутери и играње игри. Џим Кнап, кој бил училиштен советник во средното училиште, рекол дека Крукс не бил проблематично дете, но децата не го викале да се дружи со нив, ама и не го малтретирале. Негов соученик, пак, изјавил дека бил секојдневно малтретиран од соучениците и дека секогаш во трпезаријата седел сам.

Кори Комператоре е човекот кој беше застрелан на митингот на Трамп. Куршумот го погодил додека се обидувал да го заштити своето семејство.

-Тој беше пожарникар и татко на две ќерки, изјави гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.

Трамп, пак, по обидот за атентат пристигна во Милвоки каде што треба да биде официјално номиниран за претседателски кандидат на републиканците. Тој изјави дека ова за него било надреално искуство. Во интервјуто за „Њујорк пост“, што го даде на летот за Милвоки Трамп рече дека докторот во болницата му рекол дека никогаш не видел такво нешто и дека „е вистинско чудо“.

-Не би требало да сум сега овде, требаше да сум мртов. За среќа, сè уште сум тука, рече Трамп, и додаде дека по пукањето сакал да го продолжи своето обраќање, но бил предупреден дека не е безбедно и дека треба да го однесат во болница бидејќи крвавел.

Изјави и дека бил воодушевен од брзината на реакцијата на агентите кога почнало пукањето, кои го симнале од бината при што останал без чевли.

Иако истрагата сè уште е во тек, сепак во американската јавност сè погласни се оценките за пропусти на тајните служби, но и на локалната полиција која била задолжена за објектот од чиј покрив пукаше атентаторот.

Обидот за атентат врз Трамп, како поранешен претседател и кандидат за реизбор е прв од таков вид по тој од 1981 година, врз тогашниот претседател Роналд Реган. Осуди за посегањето по неговиот живот засега покрај од политичарите од двете партии во САД, пристигнаа и од речиси сите страни на светот, вклучително и од Македонија.

Инаку, оваа случка може да доведе до многу поцивилизирано ривалство на Трамп и противкандидатот Џо Бајден. Тоа го најави и самиот Трамп, откако Бајден се огласи по атентатот.