Состојбата со пожарите во Македонија може да биде ставена под контрола во текот на утрешниот ден или најдоцна до заутре, благодарение на помошта што Македонија ја добива од пријателските држави.

На апелот за помош за справување со пожарите во земјава што го упати премиерот Христијан Мицкоски, се одѕваа од Турција, кои испратија два авиона (ер трактори) и еден хеликоптер кои од утрово работат на смирување на огнената стихија во атарот на Ново Село, а хеликоптерот интервенираше во неготинскиот крај каде што веќе е изгорена 300 до 500 хектари шумска површина двојно поголема од градот.

– Врз основа на барањето на Владата на Република Македонија, интервениравме брзо и два авиона и еден хеликоптер веќе се стигнати со цел да се борат против пожарите. Ние стоиме секогаш до наша братска и пријателска Македонија и во добри и во тешки денови – потврди турскиот амбасадор во земјава, Фатих Улусој.

Мицкоски рече дека покрај помошта од Турција се очекува помош и од Србија, Црна Гора и Словенија. Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, денеска, изјави дека Србија има доволно капацитет за помош во хуманата акција за гасење пожари. Дачиќ нагласи дека Србија ќе испрати хеликоптери за гаснење на пожарот и додаде дека не сака тоа да биде оценето како испраќање хеликоптери заради остварување на воена доминација.

Владата на барање на Кризниот штаб на Неготино во саботата доцна вечерта прогласи кризна состојба во траење од 30 дена, по што во неделата на терен во гаснењето на пожарите се вклучи и Армијата и полицијата.

Пожарот кој избувна пред една недела на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, го гасат два македонски и два турски авиони. Според информации од членови на Ловното друштво „Елен“, од Ново Село, кои се вклучени во гаснењето на пожарот, од бугарска страна е вклучена механизација која со копање „засеци“, не дозволува пожарот да се прошири и според нив со вклучувањето на авионите во гаснењето може да се очекува пожарот да биде локализиран. Според првичните проценки од ТППЕ Струмица, пожарот зафатил над 20 хектари нискостеблеста дабова и борова шума.

На планината Серта, пак, пожарот го гаснат по еден полициски и армиски хеликоптери и оној дојдениот од Турција. Се гаси и од земја со значителен број пожарникари, претставници од ловните друштва, месното население и припадниците на Армијата и Единицата за брзо распоредување при МВР.

– Се работи за исклучително тежок терен каде што има бујна вегетација што го отежнува движењето на луѓето по терен така што многу е тешко да се дојде до горливите точки. Во текот на вчерашниот ден, благодарение на припадниците на Армијата, успеавме да изгаснеме неколку критични точки, а помогнаа и припадниците од Единицата за брзо распоредување при МВР. На помош повторно имаме 103 припадника на македонската Армија и 30 припадници од Единицата за брзо распоредување на МВР – изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

На Неготино напомош му доаѓаат од другите околни општини, затоа што кубурат со луѓе и противпожарна опрема. Општинската противпожарна служба треба да има 19, а има 14 пожарникари. Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, вели дека луѓето се изнемоштени, на крај на сили, затоа што се на терен од 12 до 15 часа.

– Ни недостигаат и опрема и возила за во ваква ситуација. Доаѓаат доброволци, треба да им дадеме специјална опрема за гаснење, а и таа ни е од комунизмот – вели Стојанов.

Од соседната општина Кавадарци на припомош се 20 пожарникари, пет противпожарни возила, три цистерни и тешка механизација за расчистување на теренот, обезбедена од пет приватни фирми.

Според ЦУК, во последното деноноќие изгаснати се 14 пожари на отворено во општините Петровец, Гази Баба, Струмица, Валандово, Охрид, Струга Центар Жупа, Кичево, Виница и Општина Тетово.

Наредните 6 дена се најавуваат пеколни температури со над 40 степени, што значително ќе придонесе за зголемување на бројот на пожари.

Од денеска целосна забрана за движење во шумите, казни до 2.000 евра

ЈП Национални шуми воведе целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП Национални шуми, и истата започнува од 15.7.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 6 до 20 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае сè до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален.

Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување, издадено од страна на подружниците на ЈП Национални шуми, за подрачјето со кое управуваат – потенцираат од шумското претпријатие.

За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

Припадничките на АРМ вклучени во гаснење на пожарите

Припадници на Армијата и денеска ангажирани во гаснењето на пожарите кои беснеат во Македонија.

– Рамноправно со своите колеги од вториот пешадиски баталјон, армиските припаднички од оваа единица храбро и пожртвувано од самиот почеток се вклучија во локализирање на пожарите – велат од Армијата.

На терен се околу 100 припадници на Армијата, а активирани се и двата хеликоптери од составот на воздухопловниот ВИНГ кои  интервенираа со 22 ведра и исфрлено 44 тони вода на локациите на кои се побаруваше.

(С.Бл.)