Општина Центар додели 770.000 денари на 60 социјално загрозени лица баратели, по основ на нарушена здравствена состојба или тешка материјална положба. Комисијата за социјална и здравствена заштита ја одобри еднократната финансиска помош врз основа на пристигнатите барања од жители на Општината што ги исполнуваат условите според Правилникот за постапката за остварување право на финансиска помош и поддршка на жителите на Општина Центар – Скопје.

– Општина Центар секогаш е тука да им помогне на граѓаните кога им е потребно. Се надевам дека овие средства ќе им помогнат на жителите да санираат дел од штетите или ја подобрат здравствената или финансиската состојба во домот. Со цел да им излеземе во пресрет на поголем број граѓани, ги повикувам општествено одговорните компании да дадат свој придонес и се вклучат во хуманитарните акции – вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Право на користење на овие финансиски средства имаат: физичките лица кои се жители на Општина Центар со влошен социјален статус или загрозувачка здравствена состојба, кои припаѓаат на социјално загрозените групи; лицата кои имаат потреба од помош при лекување; еднородителските семејства во социјален ризик.

Воедно, подносителот на барањето треба да има адреса на живеење во Општина Центар – Скопје и може да го искористи правото на финансиска помош и поддршка само еднаш во текот на календарската година.

Општина Центар, покрај оваа помош, во соработка со невладината организација „Банка за храна“ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“, обезбедува месечни социјални пакети за семејствата во социјален ризик, еднократна помош за пензионерите со висина на пензијата до 20.122 денари, нега за старите лица во домашни услови и др.