Хрватска прескапа за Македонците, одморот чини илјада евра неделно

Хрватска прескапа за македонските граѓани. Од туристичките агенции велат дека годинава нема голем интерес за Хрватска, бидејќи цените се навистина високи и се движат од 1.800 евра па нагоре во зависност од хотелот и од времето на престој. Од 1 јули, во Хрватска, се воведени сезонски патарини  кои ќе важат до 30 септември и ќе бидат за 10 отсто поскапи. Ако се земе предвид дека цените на лежалките се движат од 20 евра па нагоре, а храната е поскапа од другите туристички места, станува јасно зашто Хрватска не е на листата на омилени дестинација на македонските туристи

3724

Хрватска прескапа за македонските граѓани. Од туристичките агенции велат дека годинава нема голем интерес за Хрватска, бидејќи цените се навистина високи и се движат од 1.800 евра па нагоре, во зависност од хотелот и од времето на престој. Од 1 јули во Хрватска се воведени сезонски патарини, кои ќе важат до 30 септември, и ќе бидат за 10 отсто поскапи. Ако се земе предвид дека цените на лежалките се движат од 20 евра па нагоре, а храната е поскапа од другите туристички места, станува јасно зашто Хрватска не е на листата на омилени дестинација на македонските туристи.

-За хрватска имаме само хотелско сместување, а цените се движат од 1.800 евра па нагоре за две лица за шест ноќи, односно во просек по 1.000 евра од лице. Цените варираат во зависност од категоријата на хотелот, од местото на оддалеченост од плажата, од времето на престој и од тоа дали се работи за полупансион или само ноќевање со појадок. Обично сите хотели кои ги имаме во понудата се на база на полупансион – појадок и вечера или само ноќевање со појадок. Годинава интересот за Хрватска е многу послаб, бидејќи цените се многу високи. Најголем интерес има за Грција, а потоа следува Црна Гора, Албанија…, изјавија за весникот ВЕЧЕР од една туристичка агенција.

Оттаму додаваат дека, освен сместувањето во Хрватска поскапи е и храната и изнајмувањето на лежалки кое ќе ве чини од 20 евра, па нагоре. Исто така и патот е подолг, а од 1 јули Хрватска воведе и сезонски патарини кои се повисоки за 10 отсто.

Од туристичките агенции велат дека годинава македонските туристи Хрватска ја заменија со Турција бидејќи за истите пари имаат платен превоз и „ол инклузив“.

-Годинава Турција е побарана од Хрватска, бидејќи е и поевтина. За истите пари, односно за 800 евра по лице имате „ол инклузив“, односно појадок, ручек и вечера со платен превоз за шест ноќи. Додека во Хрватска за тие пари имате само полупансион, без платен превоз. Поради тоа, за Турција годинава има поголем интерес отколку за Хрватска, појаснуваат од туристичката агенција.

Што се однесува до патарините од 1 јули, патарината на автопатот А1 на делницата од Загреб до Карловац ќе изнесува 2,80 евра наместо досегашните 2,50 евра, додека на делницата Загреб – Дугопоље цената ќе се зголеми на 26,40 евра наместо досегашните 24 евра. Понатаму, автопатската делница Загреб – Риека ќе чини 10,10 евра, додека досега беше 9,20 евра, а делницата Загреб – Горичан наместо 5,80 евра ќе чини 6,40 евра. Воведувањето на сезонските цени на патарините произлегува од тоа што околу 40 отсто од вкупниот годишен сообраќај се реализира во летните месеци, а на некои автопати бројот на возила во летниот период се зголемува и до трипати во однос на остатокот од годината.

Некои од туристите на социјалните мрежи се пожалија дека на некои плажи во Хрватска сопствениците го наплаќаат дури и местото за пешкир. Така ако сакате да ставите пешкир ќе треба да платите 4 евра, а ако сака малку повеќе удобност, како лежалка, тогаш цените се уште повисоки и се движат од 20 до 43 евра.

Освен за македонските, Хрватска е прескапа и странските туристи. Деновиве многу австриски, германски и словенечки медиуми пишуваа дека Хрватска станала прескапа за одмор. Одморот во Хрватска чини илјада евра неделно по човек, пресметале во еден австриски дневен весник. Словенците на ТВ ПОП јавуваат дека рестораните и продавниците поскапеле, а германските статистичари наведуваат дека Шпанија, Португалија и Грција се поевтини од Хрватска.

(А.С.)