На Преспанско Езеро му се случува забрзано исчезнување. Во однос на ланскиот јули, нивото е пониско за цели 39 сантиметри, иако според досега воспоставената динамика на намалувањето беше очекувано намалување од околу 18-20 сантиметри.
Професорот од Битола, Дејан Трајковски посочува дека при површина на езерото од околу 258 квадратни километри, за една година се неповратно изгубени околу 100 милиони кубни метри вода, од што половината се непланирани, односно повеќе од повеќегодишниот тренд.
– Истовремено може да се констатира дека количеството на снежни врнежи на планините минатата зима потфрлило, што директно се одразило и на езерото. Како што се гледа од дијаграмот, годинава првпат максимумот на сината линија не ја достигна горната (зелена) линија на трендот, што е означено со овалната портокалова линија. Тоа се одвишно одлеаните педесетина милиони кубни метри вода. Инаку и ланската година немало да биде достигната горната линија на трендот, но благодарение на обилните врнежи кон крајот на јуни, сепак бил фатен чекор со планираниот тренд – вели Трајковски.
Летнава сезона езерото ја започнува од многу ниска стартна позиција. До крајот на ноември, кога што се очекува годинешниот минимум, се очекува спуштање на нивото за околу 55 сантиметри, што може да го одведе нивото на нов стогодишен минимум, најмалку до кота од минус 625 сантиметри.
– Доколку се оствари ова ужасно сценарио поради отсуство на врнежи и при сегашната загуба на водата, ланскиот минимум би бил пробиен за дури 30-35 сантиметри. Тука се работи за природна стихија што не можеме да ја сопреме, но ако се сопре исцрпувањето на водата заради наводнување, можеме барем малку да го подзабавиме ова исчезнување на езерото пред нашите очи.
Од Левица нагласуваат дека владината негрижа го продлабочува проблемот,
– Езерото го доживува најкритичното намалување на нивото на водата што е некогаш забележано, предизвикувајќи непоправлива штета на неговиот деликатен екосистем. Последиците се катастрофални: нивото на водата е намалено за повеќе од 9 метри, волуменот на езерото за 50%, а крајбрежната линија се има повлечено за 3,5 километри. Како резултат, мочуриштата се исушени, чистата и богата со кислород вода е сведена на минимум, а концентрациите на сулфати и пестициди достигнуваат опасни нивоа – велат оттаму.
Еден од клучните проблеми е бројот на пумпни станици во сливот на Преспанското Езеро, а нивниот број продолжува неконтролирано да расте.
– Овие човечки активности директно придонесуваат за исцрпување на резервоарот на подземна езерска вода, влошувајќи го севкупниот пад на нивото на езерото. Податоците од мониторингот укажуваат на тоа дека акумулацијата на органска материја на дното на езерото се зголемува секоја година. Тоа го осиромашува растворениот кислород во длабоките води, што дополнително ја загрозува деликатната рамнотежа на езерото – велат од Левица.
За да се спаси лошата состојба на Преспанското Езеро, од Левица препорачуваат строго да се контролира и ограничи количеството на вода што се извлекува од езерото за наводнување и за други потреби. Ова ќе спречи дополнително намалување на нивото на водата и ќе помогне во зачувувањето на водниот баланс на езерото.
– Потребно е подобрување на хидролошкиот и метеоролошкиот мониторинг и во сливот и директно на самото езеро. Со собирање точни и ажурирани податоци може да се донесат правилни одлуки и да се преземе брза акција за ублажување на кризата. Треба да се воведе строга регулација на употребата на нитратни ѓубрива, со посебен акцент на контролирање на применетите количини. Употребата на мали, контролирани дози може значително да го намали штетното влијание врз екосистемот и да помогне во зачувувањето на квалитетот на водата во Преспанското Езеро. Неспроведувањето на препорачаните мерки за подобрување на состојбата ќе го остави езерото во исклучително ранлива состојба. Од исклучително значење е да се преземат брзи активности за заштита на овој непроценлив природен ресурс од понатамошна деградација и да се обезбеди одржлива иднина за Преспанското Езеро и неговиот околен екосистем – сметаат од Левица.
Во спас на Преспанското Езеро се вклучуваат Европската Унија и УНДП кои со 14 милиони евра ќе помогнат во финансирање на проекти за развој на одржливо земјоделие и туризам, а ќе спроведат и крупни инфраструктурни интервенции за справување со крупниот отпад и отпадните води и поттикнување на регионалниот развој. Проектите беа промовирани во изминатиов петок во Ресен.
– Успехот, секако ќе зависи од блиското партнерство меѓу властите, граѓанското општество, бизнисот и решителната политичка посветеност од трите земји во регионот– изјави амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија.
Програмата „ЕУ за Преспа“ ќе помогне и во справување со загадувањето на водата и почвата, како и за заштита на ендемските видови во Преспанското Езеро.
– УНДП активно го подржува Преспанскиот регион од 2004 година. Со овие проекти заедно со ЕУ ќе продолжиме со промоција на добрите земјоделски практики. Со изградбата на системите за управување со отпадни води, повеќе од 1500 жители на 6 села ќе имаат и пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик а мрежата за собирање на цврст отпад, ќе се прошири со 11 села и над 1100 жители , со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година – изјави Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, подвлече дека поддршката на земјоделците во Преспанскиот регион преку таргетирани обуки за добрата земјоделска пракса, како и поддршката преку грантови е од исклучително значење за подобрување на производството и намалување на загадувањето на природата и Преспанското езеро.
Проектите од програмата „ЕУ за Преспа“ ќе се имплементираат во наредните три години и ќе се спроведат до септември 2027 година.
(С.Бл.)