Израел испраќа делегација во Каиро за понатамошни мировни преговори

25

Израел ќе испрати делегација во Каиро на понатамошни разговори со посредниците за предложениот договор со Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците, соопшти денеска кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Американските, египетските и катарските посредници уште еднаш вршат притисок за потпишување на договорот бидејќи Хамас и Израел се најблиску досега до намалување на јазот меѓу нив по неколкумесечни преговори.

Сепак, додека Хамас се согласи да направи отстапки за своето клучно барање – Израел да се обврзе целосно да стави крај на војната – палестинската организација бара од посредниците да постигнат договор за траен прекин на огнот во замена за ослободување на израелските заложници.

Нетанјаху, пак, рече дека нема да потпише никаков договор што ќе го принуди Израел да ја прекине офанзивата во Газа пред да биде елиминиран Хамас.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека израелскиот преговарачки тим се вратил од состанокот со посредниците во Доха, без да даде детали за исходот од разговорите. Тимот денеска замина за Каиро за да ги продолжи разговорите, се вели во соопштението.

САД претходно денеска објавија дека испраќаат дополнителни 100 милиони долари помош за Палестинците во Појасот Газа и Западниот Брег.

Во соопштението на УСАИД се наведува дека средствата ќе и помогнат на Светската програма за храна на Обединетите нации. Исто така, беше наведено дека ќе биде обезбедена логистичка поддршка „за безбедно и ефикасно доставување на хуманитарна помош што спасува животи низ Газа“.

Агенциите за помош се пожалија дека стоката не стигнува до луѓето во Газа поради опасната безбедносна ситуација и растечкото беззаконие што го отежнува испораката на помош.

Во соопштението на американската агенција за помош се наведува дека американскиот придонес за Палестинците од почетокот на војната изнесува повеќе од 774 милиони долари.