Денеска е алармантно во општина Неготино. Големиот пожар што избувна вчера во реонот на армискиот полигон Пепелиште, направи „фронт“ од околу десетина километри со кој се справуваат од неготинската и кавадаречката противпожарна бригада, од ЈП Комуналец, а во гаснењето се вклучија и мештани.
Со оглед на обемноста на зафатената површина од пожарот, од Штабот за заштита и спасување на Неготино упатија апел до населението во селата: Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места да ги напуштат своите живеалишта/престојувалишта и да се засолнат на безбедно место во градот или околните села, кои не се зафатени од пожарот, поради опасноста од негово забрзано ширење. Исто така, се апелираше и до граѓаните на општина Неготино да не се движат кон населените места Калањево, Бела Вода, Липа, Брусник, Пештерница и околните места.
Во попладневните часови во гаснењето на пожарот е вклучен армискиот хеликоптер, бидејќи хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи, кој од утринските часови интервенираше од воздух, е повлечен поради одработени часови. Кога се хеликоптерите во прашање, државата располага со четири функционални за гасење на пожар, и тоа еден на Армијата и три во рамки на МВР, а единствениот авион за гаснење пожари (ер трактор) не може да полета затоа што се потребни три пилоти за негово раководење, а со само еден активен пилот авионот не смее да лета.
Вознемирени граѓани посочуваат на социјалните мрежи дека пожарот го предизвикале армиски припадници, кои имале вежба во армискиот камп Пепелиште. Велат дека слушнале пукање и дека потоа се кренал чад. Се прашуваат како е можно на вакво сушно време да се изведуваат воени вежби.
И градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов, ги потврдува гласините дека пожарот бил предизвикан од армиски припадници. Повикувајќи се на неофицијални информации, вели дека школска бомба по грешка била испукана и така настанал пожарот.
– Неофицијално, најверојатно била школска бомба со распрскувачки материјал, без експлозив, но целиот случај допрва ќе се испитува. Најважно е сега пожарот да се стави под контрола – вели д-р Стојанов.
Од Центарот за управување со кризи упатија барање за извидување на пожарот од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“.
Од Кризниот штаб на општина Неготино упатија апел до сите што сакаат да помогнат во гаснење да се пријават во Општината на телефонскиот број 043/361-045, а од правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација во рамките на можностите кои не ја попречуваат нивната дејност да ги стават на располагање своите ресурси, како и да се обезбедат и дистрибуираат потребните количества на вода за пиење и храна до спасувачите на терен.
(С.Бл.)