Седумкратниот шампион на најстариот грен-слем турнир, Вимблдон, Новак Ѓоковиќ без борба се пласираше во полуфиналето на овогодишното издание на турнирот, откако Австралиецот Алекс Де Минаур му го предаде четвртфиналниот меч поради повреда. Ѓоковиќ во денешното полуфинале ќе игра против Италијанецот Лоренцо Мусети, кој го нокаутира Американецот Тејлор Фриц.

Со пласманот во полуфиналето на Вимблдон, Ѓоковиќ го израмни рекордот на Роже Федерер, единствениот играч кој 13 пати стигнал до полуфиналето на грен-слем турнирите на трева. Во второто полуфинале, третиот и петтиот носител, Карлос Алкараз ќе игра против Данил Медведев. Шпанецот Алкараз е бранител на титулата. Тој лани во финалето го победи Ѓоковиќ во пет сета.

Српскиот тенисер во последното појавување во медиумите го искритикува „Лакост“, неговиот главен спонзор, бидејќи не е задоволен што во продавниците на Лакост во Лондон тешко се наоѓаат производи од линијата Ѓоковиќ:

„Не сум задоволен од тоа како мојот спонзор прави маркетинг промоција. Фрустриран сум во последните години чувствувам незадоволство и фрустрација бидејќи многу луѓе, кои ги бараат моите производи, не можат да ги најдат во продавниците на мојот спонзор. Сега некои работи се менуваат на подобро, но јас сè уште не сум задоволен. Сè може да биде подобро.

Се надевам дека мојот спонзор ќе го зголеми нивото на производство и количество, но и достапноста, за луѓето да имаат шанса да ги најдат производите. Нивото на тенис што го играм е многу популарно низ целиот свет. Се разбира, моите производи може да се купат на веб-страницата, но поинаку е кога луѓето одат во продавница…“, кажа најтрофејниот тенисер во светот.