Мајкл Даглас го повика Бајден да се откаже од својата кандидатура за реизбор

301

Американскиот актер и поддржувач на демократите Мајкл Даглас денеска им се придружи на се поголемиот број истакнати холивудски личности кои го повикаа претседателот на САД, Џозеф Бајден, да се откаже од својата кандидатура за реизбор.

Запрашан од Еј-Би-Си за повиците Бајден да се откаже, Даглас рече дека е длабоко загрижен бидејќи верува дека демократите нема да победат во ноември со Бајден како нивен кандидат.

Пред неполни три месеци Даглас изјави дека Бајден е способен да биде претседател без оглед на тоа што има 81 година, објави порталот Хил. Претходно денеска и американскиот актер и поддржувач на Демократската партија Џорџ Клуни го повика Бајден да се откаже од кандидатурата за реизбор.

Клуни во написот на Њујорк Тајмс изјави дека му се допаѓа Бајден, но оцени дека Демократската партија ќе ја загуби претседателската трка, како и секаква контрола во Конгресот со Бајден како кандидат. „Ова не е само мое мислење. Ова е мислењето на секој сенатор и член на Конгресот и гувернер со кој сум разговарал приватно“, рече Клуни, пренесе АП.

Клуни рече дека Демократската партија треба да избере нов претседателски кандидат на својата конвенција следниот месец, велејќи дека партијата на тој начин ќе ги придобие гласачите. Бајден веќе се соочува со зголемен притисок во неговата партија да се повлече од трката за реизбор, откако доживеа дебакл за време на телевизиската дебата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп минатиот месец.

Бајден рече дека има намера да остане во трката и во понеделник повторно ги отфрли повиците за откажување во писмо до демократите во Конгресот, повикувајќи ги да се обединат зад неговата кандидатура, пренесува Танјуг.