Во северниот дел на британската престолнина е уапсен осомничениот за вчерашното убиство на три жени во лондонското предградие Буши, јавува Би-би-си.
По опсежна потрага, полицајците попладнево го пронајдоа Кајл Клифорд (26) во областа Енфилд. Трите жени кои беа убиени беа Керол Хант, сопруга на радио-коментаторот на BBC Racing, Џон Хант, и нивните две ќерки.
Жртвите се на возраст од 25, 28 и 61 година, а се претпоставува дека нападот е извршен со самострел, а можеби и со друго оружје, соопшти полицијата, пренесе Би-би-си.
На снимката што се појави на Интернет, додаде Сан, може да се види како брза помош со вклучени сирени ги напушта гробиштата по огромна потера, пред полицијата да потврди дека осомничениот е уапсен.
На Клифорд му била укажана лекарска помош бидејќи му биле констатирани повреди. Полицијата не испука ниту еден истрел, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Хертфордшир.
Во оваа фаза од истрагата, се претпоставува дека жртвите го познавале осомничениот.
„Ова продолжува да биде неверојатно тежок период за семејствата на жртвите и би побарале да се почитува нивната приватност додека се помируваат со она што се случило“, рече инспекторката Џастин Џенкинс.
Таа вели дека истрагата „се движи со брзо темпо“ и полицијата допрва треба официјално да ги идентификува жртвите.
„По опсежните истраги, осомничениот е лоциран и во овој момент никој друг не се бара во врска со истрагата“, додаде таа.
Kyle Clifford manhunt: Armed police search a family home near Gordan Hill this morning where his car was spotted. Latest armed Police have entered a cemetery.
A manhunt is under way for 26-year-old Kyle Clifford, from Enfield, who is wanted for triple murder. pic.twitter.com/1gl769zcOM— Bigradiolondon (@bigradiolondon) July 10, 2024
Полицијата во вторникот околу 19 часот добила повик од населбата Буши, но тогаш осомничениот не бил приведен и започнала голема потера по него.
Во него биле вклучени специјализирани екипи и вооружени полицајци. Јавноста беше предупредена да не му приоѓа на осомничениот, бидејќи се сомневаше дека сè уште го има самострелот.
Клифорд накратко служел во британската армија, но ја напуштил во 2022 година и засега не се познати мотивите за нападот и неговата можна поврзаност со жртвите.
Британските медиуми објавија дека Хант, главниот коментатор на коњски трки на Би-Би-Си, ги пронашол телата во вторникот вечерта кога се вратил дома од известувањето на тркачката патека Лингфилд Парк, јужно од Лондон.
Три жени во вторникот вечерта биле пронајдени тешко ранети во куќата, а од полицијата велат дека тие и Брзата помош се обиделе да ги спасат, но набрзо на местото на нападот ја констатирале смртта.