Полска, Германија и балтичките членки на Европската унија бараат унгарскиот премиер Виктор Орбан да биде „отстранет од претседателството на Унијата“, пишува италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Миланскиot дневен весник наведува дека денеска за ова требало да разговараат амбасадорите во Политичкиот комитет на Унијата, а клучна причина за незадоволството на мнозинството меѓу европските дваесет и седум е тоа што посетата на Орбан на Русија и Кина не била координирана со Советот на ЕУ.
Според „Кориере дела сера“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајнехтунг“ и бриселскиот портал „Политико“, евроамбасадорите размислувале да испратат „јасно предупредување до Будимпешта“ во оваа смисла, но унгарскиот министер за Европа Јанош Бока изјавил дека таков предлог „не беше на маса“ на амбасадорската средба.
Италијанскиот весник наведува дека одземањето на претседавањето со ЕУ на некоја членка е „тешко, но не и невозможно“, бидејќи тоа би требало да го усвојат 20 земји од ЕУ, кои претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ-27.
„Кориере дела сера“ објаснува дека „Орбан веќе ги налути своите партнери во ЕУ затоа што како слоган за унгарското претседателство со Унијата го стави „Направи ја Европа повторно голема“, што е многу слично со слоганот на Доналд Трамп во кампањата за претседателските избори во САД – „Направи ја Америка повторно голема““.
Но, Орбан особено ги налути своите партнери во ЕУ кога, додава миланскиот весник, отиде во посети, особено во Москва и Пекинг, со образложение дека работи на мирен проект за Украина.
Самиот Орбан јасно стави до знаење дека тоа не го направил во име на Европската унија, наведува „Кориере дела сера“, но унгарскиот премиер смета дека Москва мора да биде фактор во секој договор во врска со мировните преговори со Украина.
Миланскиот дневен весник ги цитира зборовите на дипломатските претставници на ЕУ дека „Паралелната дипломатија на Орбан е понижување за Унијата бидејќи ги збунува улогите и ја доведува во прашање решителноста и единството што Европа мора да ги покаже кон експанзионистичките аспирации на Путин и кога станува збор за поддршката на Киев“.
„Кориере дела сера“ ја наведува и оценката на Даниел Хегедус, соработник на „Германскиот Маршалов фонд“, дека „сè уште не е дојдено до тоа, но доколку Орбан истрае, ќе бидат потребни само неколку недели да ја земе играчката на претседателството надвор од неговите раце“.
Францускиот весник „Монд“ смета дека „маневрите на Орбан и на европската и на меѓународната сцена се показател за општата неорганизираност на западното раководство“.