Хорор во Лондон: Сопругата и ќерките на познат коментатор на радио Би-Би-Си се убиени со самострел – голема потрага по напаѓачот

201

Сопругата и двете ќерки на коментаторот на радио Би-Би-Си Џон Хант се убиени со самострел, потврди денеска британскиот јавен сервис.

Британските медиуми наведуваат дека Хант, главниот коментатор на коњски трки на радио Би-Би-Си, ги пронашол телата рано во вторникот вечерта кога се вратил дома од известување на тркачката патека Лингфилд Парк, јужно од Лондон.

Во тек е потрага по идентификуваниот напаѓач, за кој се верува дека е вооружен, а граѓаните се предупредуваат да не му приоѓаат.

Полицијата соопшти дека вооружени полицајци трагаат по него, што не е вообичаено во Обединетото Кралство.

Полицијата го повика осомничениот Кајл Клифорд да се предаде.

Полицијата соопшти дека три жени во вторникот вечерта биле пронајдени тешко ранети во куќа во Буши, северозападно од Лондон, и дека се обиделе да ги спасат, но на местото на нападот набрзо е констатирана нивната смрт.

Полицијата не соопшти дали Клифорд, кој е од Лондон, бил некако поврзан со жените.