СВР Скопје и општина Центар заеднички ќе делуваат во решавањето на актуелните проблеми во оваа скопска општина, како што се проблемите во сообраќајот во општината, посебно во Дебар Маало, Капиштец и централното градско подрачје, гласната музика од угостителските објекти до доцните часови, која го нарушува мирот на граѓаните, уништувањето на урбаната опрема во парковите итн.

Ова е договорено на работната средба на началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Во делот на сообраќајот и непрописното паркирање, МВР ќе почне со засилени контроли низ општината, а за најкритичните места, како познатите дискотеки и локали, предвидено е пајак службата да почне да делува и во трета смена, посебно во деновите пред и за време на викенд.

Во Дебар Маало, Капиштец и централното градско подрачје, ќе се делува заеднички со посебни сообраќајни режими и како превентивни така и репресивни акции на полицијата, со зголемена фреквенција и присуство на терен.

– МВР заедно со општинските инспекциски служби ќе делува засилено и во делот на гласната музика, почитувањето на работното време, како и други редовни акции од надлежност на министерството. За вандалските чинови што на неколку пати се утврдени во неколку од парковите во Капиштец, министерството по добиените сознанија веќе постапува и извршителите кои ќе бидат идентификувани ќе добијат соодветни пријави – информираа од СВР Скопје