Мегаскандал ја тресе француската рагби репрезентација. Имено, репрезентативците на оваа земја Оскар Јегу и Хуго Аураду се уапсени во Аргентина под обвинение за сексуална злоупотреба. Јегу и Аураду се на јужноамериканска турнеја со репрезентацијата и беа во стартниот состав на француската селекција во саботата во победата од 28:13 против Аргентина во Мендоза, а требаше да бидат стартери и во средата против Уругвај во Монтевидео.

  • Во моментов не ги знам деталите. Истрагата е во тек и ако се потврдат наводите, тоа е многу сериозна работа. Потпретседателот на федерацијата Жан-Марк Лермет и јас отпатувавме овде од Париз веднаш штом слушнавме за овој случај. Нашите размислувања во моментов мора да бидат со злоупотребената девојка. Повторувам, ако се потврдат наводите, однесувањето на овие играчи е против сето она што е рагби, рече претседателот на францускиот рагби сојуз, Флоријан Грил по пристигнување во Буенос Аирес.

Апсењето на двајцата француски рагби играчи дојде само еден ден откако нивниот репрезентативен колега Мелвин Џаминет беше испратен дома поради расистички коментар објавен на социјалните мрежи.

  • Ќе го удрам првиот Арап што ќе го видам на патот, напиша на социјалните мрежи Џаминет, поради што беше исфрлен од репрезентацијата.

Францускиот рагби сојуз го осуди овој коментар како неприфатлив и спротивен на основните вредности на спортот и додаде дека Џаминет веднаш бил исфрлен од националниот тим. Од федерацијата додаваат дека спроведува внатрешна истрага за да се преземат соодветни мерки.

  • Дискриминаторското однесување од секаков вид нема место во француското рагби, додаваат тие.

Џаминет го избриша видеото од својот профил на социјалните мрежи и играчот се извини.

  • Разбирам дека тоа повреди и навреди многу луѓе и сакам да објаснам дека овие коментари не ги одразуваат моите вредности или оние на францускиот рагби тим. Расизмот во која било форма е неприфатлив и е спротивно на сè во што верувам, се правдаше Џаминет.