Гаши: Покажавме свесност за oдговорноста за исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО

75

Претседателот на Собранието, Африм Гаши се обрати на Парламентарниот самит на Парламентарното Собрание на НАТО.

„Особена чест и задоволство ми е да учествувам на овој настан од највисоко ниво, каде заедно со моите колеги од парламентите на земјите-членки на НАТО, пригодно го одбележуваме 75-годишниот јубилеј од основањето на најсилната безбедносна Алијанса во светот-НАТО. Поздравувајќи го овој јубилеј, дозволете ми искрено да го честитам и приемот на Шведска и Финска во НАТО, со што значително го зајакнавме Сојузот.

Собранието на Република Северна Македонија пред неколку месеци донесе Декларација со која ја одбележавме четвртата годишнина од членството на земјата во НАТО и 75-та годишнина од формирањето на Алијансата, со што манифестиравме свесност за одговорноста за исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и придонесот во остварувањето на колективната одбрана.

Истовремено, како Собрание уште во иницијалната фаза дадовме поддршка и сеуште остануваме кон заедничката одлука на Парламентарното собрание на НАТО за одбрана на споделените демократски вредности преку основање Центар за демократска отпорност во седиштето на НАТО, што уште еднаш беше потврдено и преку Декларацијата усвоена на неодамнешната Пролетна сесија во Софија.

Свесни сме дека сме земја-членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, но и многу малигни надворешни влијанија, но ние и понатаму остануваме посветени во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност. Тоа го реализираме преку продолжување на конкретниот придонес во НАТО операцијата КФОР во Косово, а во светло на актуелните безбедносни предизвици активни сме во НАТО мисијата во Ирак и безрезервната поддршка на Украина.

Овие предизвици наметнуваат и подигнување на нивото на единственото и суштинско партнерство со Европската Унија со цел да се зајакне нејзината стратешка комплементарност со НАТО. Сите земји-членки и нивните парламенти треба да посветат особено внимание на Структурниот дијалог НАТО – ЕУ кој опфаќа отпорност, заштита на критичната инфраструктура, континуирана поддршка за Украина и подобрување на капацитетите на одбранбената индустрија.

И секако, би сакал да ја споменам и нагласам важноста од нашата вокалност, гласноста на парламентите и парламентарците, како незаменлив демократски инструмент за калибрирање на сите граѓански потреби и приоритети – без парламентите, владите се немоќни во реализирањето на поставените стратешки цели. Без парламентите, нема широка поддршка на владините политики. И во овој контекст сакам да ја акцентирам незаменливата улога и придонесот на Парламентарното собрание на НАТО како врска помеѓу парламентите и луѓето од Алијансата и НАТО, покажана низ неговата посветена работа и јасна визија.“, рече Гаши.