Хрватските кошаркари не успеаја да се пласираат на Олимписките игри во Париз, откако на турнирот во Пиреја беа поразени во финалето од домаќинот Грција.

„Коцкестите“ имаа големи планови, сакаа да се пласираат на Олимписките игри во Париз, но сепак имаше голем предизвик пред себе. Избраниците на Јосип Шесар се пласираа во полуфиналето, каде со мака ја совладаа Доминиканската Република, но Грција беше пресилна.

Така Грците ја чекираа визата за Париз, додека хрватските кошаркари ќе ги следат на малите екрани. Сепак, ден подоцна откако го загубија финалето, се појавија видеа на кои се гледа како хрватските кошаркари Дарио Шариќ и Ивица Зубац се тепаат со непознати лица во ноќен клуб во Атина.

Грчките медиуми пишуваат дека во тепачката, која се случила неколку часа по мечот, учествувале Зубац, Шариќ и „некои други хрватски кошаркари“, а наводно се судриле со неколку локални жители. На една фотографија може да се види како Зубац има крв на коленото.

Тие, исто така, пишуваат дека Шариќ и Зубац прво се судриле со гости во клубот, а потоа и со обезбедувањето на клубот. Тие наведуваат дека со нив бил и Тин Једвај, хрватскиот фудбалер од редовите на Панатинаикос. Додаваат дека хрватските НБА играчи во конфликтот добиле модринки на рацете и нозете. Тие пишуваат дека тепачката почнала со тоа што Зубац имал жестока вербална расправија со некого. Шариќ почнал да го брани, но набрзо добил удар поради кој паднал на земја.

Грците пишуваат дека капитенот на Хрватска накратко лежел неподвижен, без свест, откако добил удари по главата и телото.

Има и снимка од тепачката која ја поседуваат одредени медиуми, но сè уште не е објавена на интернет.

Хрватски „Индекс“ стапил во контакт со Хрватската кошаркарска федерација и секретарот Јосип Вранковиќ, кој рекол дека првпат слуша за тоа и дека е изненаден и дека во моментов нема коментар.