Недостигот од работна сила ги натера газдите да бараат нови начини за наоѓање работници. Дел од компаниите се одлучуваат за увоз на работна сила, а дел со ангажирање на витални пензионери. Голем дел од младите заминаа на работа надвор од државата, а оние што останаа, не сакаат да го губат времето и да работат за ситни пари.

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметат дека на овој начин се врши повреда на Законот за работни односи, бидејќи ангажирањето пензионери е, всушност, работа на црно. Од друга страна, пак, од Организацијата на работодавачи на Македонија сметаат дека треба да се направат измени во Законот и да им се дозволи на оние пензионери што можат и сакаат да работат, да бидат ангажирани.

– Пензионерите и социјалните случаи сакаат да работат, а да не им се прекинат социјалната помош и пензијата, меѓутоа, тоа се смета за работа на црно. Оваа работа на црно мора да се регулира. На луѓето им одговара, бидејќи не можат да живеат само од пензија и од социјална помош. Но, од друга страна, при повреда на работа, газдите разбираат дека се во голем проблем, затоа што овие работници се непријавени. Ваквиот начин на ангажирање работници ја поткопува лојалната конкуренција, бидејќи на овие работници им се даваат плати во плик и не се плаќаат придонеси – вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, од Сојузот на синдикати на Македонија.

Според него, за да запре ваквиот тренд на ангажирање работници на црно, мора на терен да има повеќе инспектори за труд. Во овој случај, газдите прават двоен криминал – и кон работникот и кон државата.

Сепак, и покрај сите инспекции, во државата има многу работници што работат на црно, а најмногу во секторите градежништво, угостителство и туризам.

– Синдикатот е против барањето на Организацијата на работодавачи на Македонија, бидејќи се знае колку треба да се работи до пензија. Не треба да бараме продолжување на работниот век и ангажирање на пензионери, туку треба да се бориме за зголемување на пензиите и за утврдување на минимална пензија. Пензионерите не треба да доработуваат за да преживеат, туку треба да им бидат доволно високи пензиите за да може да уживаат во пензионерските денови – појаснува Пешевски.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија смета дека во услови кога недостига работна сила во државата, во повеќе сектори и компании, ангажирањето пензионери е еден од начините да се реши овој проблем.

– Во многу сектори и компании недостигаат работници и секој работодавец се снаоѓа на различен начин. Поради тоа, сметам дека во државата треба да се направат измени во Законот за работни односи за да може да се ангажираат пензионери што можат и сакаат да работат. На тој начин што само ќе им се плаќа персонален данок на пензионерите, а ќе продолжат да си ја земаат пензијата цела – вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Според него, овој начин на надминување на недостигот на работна сила постои во многу европски држави и добро е да се воведе и кај нас, во услови на недостиг на работна сила.

Во меѓувреме, многу компании во државата почнаа да ангажираат пензионери, бидејќи младите си заминаа од државата, а оние што останаа, не сакаат да работат за мали плати. Газдите велат дека повеќе им се исплати да ангажираат пензионери, кои ќе работат хонорарно за помали плати, отколку млади за кои треба да се плаќаат придонеси, кои бараат многу повисоки плати и не ја знаат работата.

Поради тоа, во последно време може да се видат сè повеќе пензионери што работат како келнери, продавачи на сладолед, што работат во киоск…

(А.С.)