ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: „Оштетена“ личност

173

Прифаќањето е мошне важно за личниот развој и работата на себе, бидејќи ако не го прифатиме минатото многу бавно ќе се отвораме за иднината.

Секој човек се соочувал со болки, страдања, неизвесности и тешкотии, така што ако не успеал целосно да ги избегне тие ситуации, клучно е како се справувал со последиците од таквите животни ситуации. Борбите и ограничувањата се насекаде околу нас, затоа треба да бидеме максимално внимателни и да не дозволиме лошите лица и негативните околности да ја оштетат нашата личност.

Наталожените фрустрации и неприфаќањето на ситуациите кои ни се случувале во минатото може да ни предизвика константен внатрешен немир и криза на психофизички план. Затоа, треба да најдеме начин да се избориме со лошите искуства, да го исчистиме патот од сè што ни ја блокира хармонизацијата и да продолжиме напред кон перспективите на иднината. Тоа ќе го постигнеме, доколку прифатиме дека некои нешта се одвивале така како што веројатно требале да се случат и одвиваат. Со тоа ниво на свест, сме привлекле лица и ситуации кои само нè потврдиле дека некаде сме забавиле во личниот развој и дека било неопходно да добиеме животна лекција од која ќе научиме повеќе да мислиме на самите себе, да се почитуваме и да им се радуваме на нештата што ги имаме. Од друга страна, тоа што некој не поседувал свест за препознавање на вистинските вредности, не пристапувал со морал, одговорност и посветеност, не значи дека треба врз себе да ги прилепиме сите негови слабости, да се укоруваме поради погрешно донесените одлуки и да се труеме со емоционалниот отров.

Кога доаѓа до внатрешно прифаќање на тоа што го преживуваме во сегашниот момент, тогаш во многу поголема мера ќе се почувствуваме ослободени и ќе можеме со повисок капацитет на волја, сила и енергија да ги вкусиме убавите нешта на животот. Емоционалната болка добива на актуелност само доколку постојано ја проживуваме во себе и дозволиме таа да ни го окупира умот и предолго да опстојува во душата. Јапонскиот психијатар Шома Морита смета дека „треба да ги прифатиме емоциите, да не се обидуваме да ги контролираме, бидејќи со таквиот обид тие ќе станат уште поинтензивни”. Тоа подразбира да не се фокусираме на елиминирање на симптомите, зашто оздравувањето ќе дојде на спонтан начин. Преголемото интелектуализирање на ситуацијата може само да ни создаде хаос во главата и уште повеќе да нè истошти на психофизички план.

Клучот е да се фокусираме на сегашноста, да се насочиме кон својата животна цел и да ја продлабочиме и откриеме смислата на животот. Притоа, најмалку што треба да дозволиме е да се окупираме со поединците, кои заробени во своето мало его и водени од блудот, лагата и неморалот одлучиле неосвестено и фрустрирано да патуваат кон ниските вибрации на животот.

Зошто да не се определиме за мирот во сопствената душа и за контакт со лица кои афирмативно размислуваат и кои умеат да не даруваат со искрена, чиста и продуховена емоција?

Тоа што е зад нас, не треба да го блокира тоа што е пред нас, но уште помалку да влијае врз тоа што е длабоко во нас. Затоа, секој треба да ја почувствува убавината на својата душа, да се прифати самиот себе, да ја облагороди животната визија со љубов, вредност и хармонија и да се радува што и покрај сè, успеал навреме да се спаси од нечестивата енергија и да тргне кон светлата страна на животот.

Мирот во душата ќе го постигнеме, доколку престанеме да се идентификуваме со старото болно чувство што престојува во нас и го напуштиме концептот на несреќно Јас. Притоа, треба да се запрашаме: Што ќе постигнеме ако себеси се третираме за слаби, неуспешни, несреќни и оштетени и дали со таквата концепција на размислување ќе успееме да го хармонизираме своето внатрешно битие? И дали треба константно да страдаме и да се себеобвинуваме, само затоа што искрено сме се посветиле и сме верувале во некои лица и ситуации? И на крајот, откако сме увиделе дека тие на кои сме им верувале и кон кои сме се насочиле се една голема лага и уште поголема нула, треба ли да дозволиме на потсвесно ниво и понатаму да ја разоруваат нашата душа и да го повредуваат нашето срце, предизвикувајќи ни разочарување и пасивизирање на волјата за напредување?

Треба да знаеме дека колку и некој однос или некое лице да претставува една голема нула, сепак тоа не и припаѓа на категоријата ништо, бидејќи носи со себе животна лекција и значајно искуство кое буди поука како во иднина не треба да постапуваме и колку е битно да се себезаштитиме и чуваме од сите оние поединци кои не ги заслужуваат нашите искрени емоции.

Мудроста произлегува од сознанието дека болката самата по себе не претставува несреќа. Единствено болката со несреќна приказна создава несреќа. Но, ако на нештата во животот не гледаме како на несреќа, туку како на искуства од кои може да научиме многу корисни нешта, тогаш имаме шанса да отвориме нова и поубава страница во животот. Тоа ќе го постигнеме ако бидеме оптимисти и се помириме со својата болка, отколку да и се спротивставуваме.

Минатото не можеме да го промениме така што отпорот и неприфаќањето може да ни предизвикаат уште поголеми страдања.

Постојат разни вештини како што се медитација и молитва, кои помагаат нашата свест за помирување да биде многу пореална и достижна. Исто така треба да научиме да се молиме и што е најважно, да му се обратиме на Бог и во добрите и во лошите моменти. Посветеноста на верата и посетата на божјите храмови може мошне исцелувачки да влијае врз духовната состојба на нашата личност. Од друга страна, успехот ќе пристигне доколку посветено и храбро го градиме својот животен пат и престанеме да се возбудуваме поради туѓата неосвестеност, лажливост и негативност. Дури и кога ќе бидеме нападнати дека не ја зборуваме вистината и дека умислуваме некои работи, не треба да се поколебаме во сопствените вредности и во нештата во кои веруваме.

Обидот на неморалниот поединец да ги извртува и релативизира нештата е јалова работа, зашто пред вистината и доказните материјали и боговите молчат.

Колку и да сме идеалистички настроени и да веруваме во доброто, треба да имаме на ум дека постојат лица кои за да го сочуваат своето лажно и умислено реноме, подготвени се за сите свои проблеми да ги обвинуваат другите. Така прават, бидејќи стравуваат да се соочат со сопствениот неморал, лажливост и неподготвеност да ги признаат грешките кои постојано им се повторуваат во животот. Овие поединци немаат ниту грам срам и самокритичност за своите постапки. Напротив, наместо да се погледнат себеси во огледало и да станат свесни за своите лаги и за неморалот, тие фрлаат отровни стрели кон другите, обвинувајќи ги дека се злобни, завидливи и негативно насочени кон нивната личност. Многу тешко е на таквите поединци да им се објасни дека за внатрешниот немир и за проблемите со кои се соочуваат виновникот треба да го побараат во самите себе и дека со потиснување на нештата нема да побегнат од немирната совест, комплексите и фрустрациите.

Наша задача е да се оддалечиме од нештата кои се завршени, да ги научиме своите лекции и во иднина да бидеме помудри.  Тоа ќе го постигнеме ако прифатиме дека грешките и лошите проценки се составен дел од животот и дека не секогаш може идеално да ги предвидиме работите и да се заштитиме од лагите и неморалните постапки на негативците.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)