Земјоделците се во неизвесност, бидејќи сè уште не се знаат откупните цени на пченицата и на јачменот, а поголемиот дел од жетвата е собран.

– Иако одамна почна годинашната жетва на пченицата и на јачменот, новата Влада и мелничарско-пекарската индустрија сè уште немаат излезено со дефинирана откупна цена на житото. Години наназад, пред почетокот на жетвата, земјоделците излегуваат со барање за регулирана и договорена откупна цена на житото. Ниту претходниот министер за земјоделство, Николовски, ниту сегашниот министер, Трипуновски, не покажуваат заинтересираност за регулирање на откупната цена на пченицата и на јачменот за да се заштитат земјоделците од манипулациите и од шпекулациите на мелничарите – велат од Левица.

Според информациите од терен, на некои места пченицата се откупува по 9 или 9,5 денари за килограм, додека пресметката на земјоделците изнесува 19 денари. За рентабилно производство, земјоделците бараат цената за откуп на лебното зрно да изнесува 30 денари за килограм.