Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници што не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2023 во законскиот рок, да го платат својот даночен долг.

– Согласно со евиденцијата на УЈП, 4.767 даночни обврзници ја немаат платено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за утврдување на данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2023 година, што требаше да се плати во законскиот рок до 30.6.2024 година. Во следниот период, УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на доспеаните неплатени долгови по овие основи, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата – велат од УЈП.

Оттаму потсетуваат дека оние даночни обврзници со даночен долг над 10.000 денари што имаат тешкотии во обезбедувањето на тековната ликвидност и платежната способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, да поднесат барање за одложено плаќање.