EPA-EFE/LESLIE PLAZA JOHNSON

Спектакуларен натпревар одиграа Аргентина и Еквадор во четвртфиналето на Копа Америка во кој на крајот се радуваа „Гаучосите“. Полн со возбудувања и пресврти, а на крајот актуелниот светски шампион славеше по подобро изведување на пенали со 4:2, откако во регуларните 90 резултатот гласеше 1:1.

Херој во пенал серијата беше голманот Емилијано Мартинез, кој одбрани два удари од белата точка на репрезентативците на Еквадор и така го спаси својот капитен Лионел Меси, кој не успеа да го реализира пеналот, односно ја погоди стативата.

Аргентина поведе во 38. минута со голот на Лисандро Мартинез и тоа водство го одржуваше до втората минута од судиското надополнување, кога Кевин Родригез погоди за 1:1.

Правилата на Копа Америка се такви што не се играат продолженија, туку веднаш се изведуваат пенали, па беше сосема логично по драматичната завршница на натпреварот Еквадорците да имаат психолошка предност. Нормално беше да расте уште повеќе откако Меси многу ноншалантно пријде на своите обврски во првата серија и ја погоди рамката на голот. Но, на сцена стапи голманот на Астон Вила кој ги одбрани ударите на Анже Мена и Алан Минда, а бидејќи ниту еден од соиграчите повеќе не промаши, Николас Отаменди со гол во петтата серија ја однесе Аргентина во полуфиналето, каде нивен ривал ќе биде победникот од мечот меѓу Венецуела и Канада кој се игра ноќта меѓу петок и сабота.