По 8.000 денари за полагање возачки испит и 6.000 за купување велосипед

3912

Со по 8.000 и со по 6.000 денари Општина Радовиш ќе ги субвенционира полагањето возачки испит од Б-категорија и купувањето нов велосипед, објави локалната самоуправа на официјалната веб-страница.

Според објавеното, на барателот што ги исполнува критериумите на овој јавен повик, ќе му се надоместат дел од трошоците направени за полагањето возачки испит, при стекнувањето возачка дозвола од Б- категорија, во висина од 8.000 денари.

Средствата по барањето ќе се исплатат по доставувањето доказ за положен возачки испит – добиена возачка дозвола од Б-категорија до комисијата во Општина Радовиш. Доколку барателот не го положи возачкиот испит во тековната година по поднесеното барање најдоцна до 1 декември и не поднесе доказ за положен возачки испит најдоцна до 1 декември во тековната година, го губи правото на субвенционирање и предвидените средства нема да му бидат исплатени.

Право на користење на финансиските средства имаат редовните и вонредните ученици во трета или во четврта година во СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш и невработените лица до 26-годишна возраст, кои ќе поднесат барање со потребната документација од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот.

Право на субвенционирање за велосипед имаат оние граѓани што ќе купат велосипед од минимум 26 инчи од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на велосипед.

На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавката на велосипед во висина од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 6.000 денари. Двата јавни повика траат 30 дена од денот на објавувањето.