На 88-годишна возраст почина познатиот албански писател Исмаил Кадаре

396

На 88-годишна возраст денеска почина Исмаил Кадаре, најзначајниот албански романсиер, есеист и драматург кој уживаше голема меѓународна репутација. Го сметаа за еден од најголемите европски писатели и интелектуалци на 20 век и за универзален глас против тоталитаризмот.

Како што соопштија од болницата во Тирана, Кадаре доживеал срцев удар.

Роден е во Ѓирокастро, Албанија, на 28 јануари во 1936 година, а својата литературна кариера ја започнува како поет во 1950-тите години. Во 60-тите, својата креативна енергија ја пренасочува кон прозата и многу скоро станува нејзин неоспорен мајстор и најпопуларен албански писател.

Романот „Генералот на мртвата војска“ е најзначајното дело на Кадаре, со кој се прославува во светската книжевност. Книгата првично е објавена во 1963 година, кога авторот имал 26 години. Врз основа на приказната од романот снимени се три филма во Италија, Албанија и во Франција, а има и неколку театарски адаптации. Книгата е вклучена во листата на францускиот весник „Монд“ со топ 100 книги најзначајни наслови во 20 век.

Кадаре има објавено десетина книги поезија, раскази, романи, есеи, меѓу кои се „Куклата“, „Палата на соништата“, „Ќерката на Агамемнон“ и „Наследникот“.

Во 1992, е награден со Prix mondial Cino Del Duca, а во 2005 ја освојува првата награда на Man Booker International, а бил номиниран и за Нобеловата награда. Неговите дела се преведени на 50 светски јазици. Член бил на француската академија, како и на уште неколку други значајни светски институции и асоцијации.

Во ноември 2022 година во Тетово на свечена академија, Исмаил Кадаре, беше прогласен за почесен граѓанин на градот, а признанието му го додели градоначалникот Билал Касами.