Со концертот на „Суперхикс“ се затвори забавата која долго ќе се памети

251

Општина Кисела Вода и култните „Суперхикс” со огромен концерт ги прославија своите родендени. Како финале на „Културното лето 2024“, на денот кога Кисела Вода наполни 69 години, во паркот во Расадник се одржа феноменална журка. Бендот со кој растеа многу генерации, кој е многу популарен и во Европа, и за кој како што истакна во шеговитата најава водителот на настанот, се снимаше документарец од режисерот Спајк Леброн Џонс и доби награда во Кан во 2008 година, на едно место ги собра и обожавателите од самите почетоци и нивните деца. На сцената во Кисела Вода се појавија стотина изведувачи, ѕвезди кои оставиле многу во музичкиот живот во Македонија.

Како пријатели на „Суперхикс” и на Општина Кисела Вода, заедно со бендот кој прослави три децении постоење настапија: „Фолтин”, Дани Димитровска, Мите Димовски, Битолски камерен оркестар, нивни членови од поранешните постави. Како предгрупи се појавија:„Ред 18” и „Ја, Дека и Зека” од Србија. До доцна во ноќта, од Расадник одекнуваа: „Песни глупави”, „Африка”, „Оптимис-ка“, „Знам дека љуби“, „Сила и нервоза”, „Жал ми е за децата”… Стар и нов материјал кој публиката еднакво го обожува.

Кисела Вода цела седмица со најразлични настани празнуваше под слоганот „69 години Кисела Вода, храброто срце на градот!”.

-Како градоначалник на оваа најстара скопска општина, сакам да ветам дека и понатаму ќе продолжиме со поддршка на културата и македонските култни бендови и уметници и дека родендените и културните лета и натаму ќе бидат со најквалитетна програма – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Последниот настан имаше и хуманитарен карактер. Со картичка, во хуманитарни цели, за лекување на болни дечиња се донираше на поставениот штанд на ECrowd.mk, донациски сервис и единствената краудфандинг платформа, потписник на многу досегашни донации во Македонија.