Екстремно десничарската партија Национален митинг води во првиот круг од парламентарните избори во Франција, што се одржа денеска, со околу 34 отсто поддршка од гласачите, покажуваат излезните анкети на четири агенции за испитување на јавното мислење – Ипсос, Ифоп, ОпинионВеј и Елабе.
Според анкетите, левичарската коалиција Нов народен фронт освоила 29 отсто од гласовите, а центристичката коалиција Заедно, во која е и партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, од 20,5 на 23 отсто, објави Ројтерс.
Вториот круг од парламентарните избори ќе се одржи на 7 јули.
Лидерката на француското национално собрание (РН), Марин Ле Пен, изјави вечерва, по излезните анкети на кои РН освои околу 34 отсто од гласовите на парламентарните избори во Франција, дека „таборот на претседателот Емануел Макрон е речиси целосно уништен“.
Таа повика на апсолутно мнозинство во вториот круг од изборите за да може нејзината партија да ја „поправи Франција и да го врати единството“.
„Ништо не е добиено и вториот круг е одлучувачки. Ни треба апсолутно мнозинство за (претседателот) Емануел Макрон да го назначи Џордан Бардела за премиер за осум дена“, им рече Ле Пен пред приврзаниците, пренесува Франс 24.