Премиерот Христијан Мицкоски потсети дека ова ветување им го дал на пензионерите во периодот кога тие протестираа по улиците барајќи достоинствен третман од власта. Потребните пари за да се реализира зголемувањето ќе се обезбедат со ребалансот на буџетот,а според министерка за финансии Димитриеска -Кочоска со ребалансот на Буџетот треба да се обезбедат уште 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии
Во септември македонските пензионери ќе го добијат првото линеарно покачување од 2.500 денари, а следното линеарно покачување, исто така од 2500 денари, ќе биде во март следната 2025 година, потврди Владата на својата прва седница. Потребните пари за да се реализира зголемувањето ќе се обезбедат со ребалансот на буџетот. Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски пред владините министри образложувајќи ја потребата да се подобри стандардот за пензионерите.
Премиерот Мицкоски потсети дека ова ветување им го дал на пензионерите во периодот кога тие протестираа по улиците барајќи достоинствен третман од власта.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска пензионер кој има пензија од 15.000 денари со покачувањето во септември ќе има пензија од 17.500 денари, а со покачувањето во март идната година од 20.000 денари.
-Таквата пензија ќе ја добива секој месец, а првото вообичаено усогласување на пензиите со трошоците на живот ќе го имаат во септември 2025 година, кажа Димитриеска Кочоска .
Во моментов состојбата е многу лоша од финансиски аспект,но нивниот предизвик е голем.
-Дефинитивно предизвикот е голем.Не велам дека нема да се справиме. Насоките што ги дадов се дека приоритет мора да имаат платите и пензиите. Во исто време да се даде приоритет на се она што е преземено со закон и дека тоа мора да се плаќа, а потоа да продолжиме со тоа колку пари ќе останат за да се прераспределат на другите ставки“, рече министерката Димитриеска-Кочоска која додаде дека има позиции, како што е примерот со ДИК да фалат огромни средства и да не може да се исплати она што е преземено согласно закон, истото, како што вели, е и во делот на исплата на пензиите каде се испланирани помалку средства за 2,5 милијарди денари.
Нагласи дека со ребалансот на Буџетот ќе треба да се обезбедат уште околу 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии. Од нив, како што кажа, околу 40 милиони евра се за линеарното зголемување, а останатите 40 милиони евра не биле предвидени од поранешната власт во Буџетот за годинава за непречена исплата на пензиите. Во фокусот на ребалансот, како што кажа, ќе бидат општините, пензиите, парите за плати, а се друго ќе се крати.
-Ќе можеме да ги обезбедиме овие средства затоа што ќе скратиме од непродуктивните трошоци. За жал за годинава невозможно е да се скрати се зашто во голем дел се веќе исплатени средствата и имаме огромен буџетски дефицит. Парите се веќе потрошени и нема од каде да се скрати, но се она што е непродуктивно и останало ќе се крати, рече Димитриеска Кочоска.
Сепак, посочи дека има уште простор за кратење и оти има многу нелогичности и вети дека ќе се обезбедат средства за сите вообичаени исплати во Буџетот.
За кредитот од една милијарда евра што го најави премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе се добие со камата помала од 3 отсто, а доколку се издаде еврообврзница каматата би била над 5,6 отсто.
-Таа една милијарда евра нема да ја земеме наеднаш и нема наеднаш да влезе во економијата. Дел од нејзе ветивме дека ќе ја дадеме на приватниот сектор преку Развојната банка, тоа се 250 милиони евра, а 750 милиони евра ќе останат за поддршка на ликвидноста на Буџетот поврзана со капиталните проекти, прецизира Димитриеска Кочоска.
За минималната плата и нејзиното евентуално покачување, како што бараат синдикатите, рече дека треба да биде поврзана со продуктивноста и посочи дека нема економска логика да ни паѓа продуктивноста.
-Мора да видиме зошто ни се намалува продуктивноста. Се сомневам дека голем удел за тоа има сивата економија. Ако успееме да се избориме, а јас верувам дека ќе успееме, ќе се создадат поволни услови за зголемување и на минималната плата и на реалните плати, истакна Димитриеска Кочоска и додаде дека на таа тема ќе разговараат со синдикатите кои бараат уште во првите 100 дена на владата минималната плата да биде 450 евра.
(В.Ма.)