Фестивалот „When in Krusevo“ ќе понуди летна адреналинска авантура

93

Единствениот планински град во Македонија, Крушево, осма година по ред ќе го надополни летното уживање со фестивал кој на едно место обединува хуманост, музика, спорт и култура! Оваа година When in Krusevo ќе трае од 5 до 7 јули, а организаторите ветуваат позитивна атмосфера, адреналин, одлична забава и многу љубов.

Целта на фестивалот, како што најавуваат од Организацискиот одбор, е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски атракции, будење на адреналинот и желбата за дружење, промоција на уметноста, историјата, живите традиции на градот и гостопримството кои и тоа како создаваат чувство на топлина, а од оваа година во фокус ќе е инклузијата на социјално ранливите категории на граѓани во Крушево.

Фестивалот започнува во предвечерието на 5 јули, со пријавување и подигање на пакет со маичка, дизајнирана од Зоран Кардула со посвета на најранливите, и производи од спонзорите. Имајќи предвид дека во Крушево се наоѓа еден од најдобрите светски параглајдинг терени и е топ-светска дестинација за овој вид на адреналински и активен туризам, во фестивалот е вклучено и атрактивното тандем параглајдинг летање од Мечкин Камен.

Меѓу другите адреналински спортови, фестивалот ќе понуди искачување на вештачка карпа, адреналински парк, јавање на коњи, кајак и SUP. За љубителите на планинскиот велосипедизам има тура од 20 километри и планинска велосипедска трка, додека за истражувачите на планинските убавини планинарска тура од 10 километри.

Гурманите, пак, ќе можат да уживаат во дегустацијата на локалните специјалитети на саемот за храна и пијалаци кој ќе се одржи во недела, во склоп на инклузивниот настан за подигање на свеста за социјално ранливите категории кој ќе се одржи благодарение на новите поддржувачи на фестивалот, оние со големо срце и душа кои несебично застанаа зад нашата идеја.

За најмладите ќе биде подготвено детско катче на Крушевското езеро и во Градскиот парк со денска забава, јога и многу детски игри. Како и секоја година обезбедена е камп зона на Крушевското езеро со сите потребни услови, додека оние кои ќе се одлучат за приватните и хотелските сместувачки капацитети, понудата од соработниците на манифестацијата може да ја погледнат на веб-страницата www.wheninkrusevo.mk.

Со секоја купена карта се добива попуст до 50 проценти на спортските активности, воедно се обезбедени влезници за Спомен куќата на Тоше Проески, Македониумот, како и за Галеријата „Никола Мартиновски“. Оваа година фестивалот има и хуманитарен карактер, и од секоја продадена онлајн карта ќе бидат одвоени 100 денари за најмалку едно социјално ранливо семејство од градот.