Во Кинотека на Македонија на 28 јуни во 20 часот ќе се одржи шестото издание на изложбата „Фемина 8“, кураторски проект на Јана Манева-Чупоска, во рамките на програмските активности на ДЛУМ. Пред присутните ќе бидат прикажани тринаесет проекции на кратки видеоарт филмови на македонски и странски уметници.

Инаку, проектот има за цел да обедини повеќе различни ликовни стилови, знаци и пораки. Изложбата „Фемина 8“ веќе има препознатлив ликовен концепт, а досега учествувале над стотина македонски и странски ликовни уметници. Препознатлива е по карактерот и ликовниот израз кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класичното штафелајско сликарство па сè до концептуални формати и нови медиуми. Изложбата „Фемина“ е проект во која се следи жената како субјект/објект и нејзината улога во повеќе сегменти: историски, социолошки, философски, религиски и други аспекти и гледишта. „Таа“, според основното етимолошко и граматичко значење се толкува како лична заменка за трето лице еднина од женски род. „Оваа лична заменка се користи да се означи или посочи некоја именка од женски род, која и не мора да е присутна во моментот на зборување“.

Во ликовен контекст, асоцијативно, од граматичката основа на самиот збор „Таа“, но во проширен уметнички контекст на истражување, сите овие асоцијации придонесуваат за дефинирање на насловот на видеата. Присвојните заменки се дополнителен истражувачки предизвик во концептот на надополнување на насловот на видеата „Таа“, во комуникација со присвојните заменки: таа, нејзин/нејзина/ нејзино/ нејзини, неа ја, нејзе ѝ, неа.