Удрен камен-темелникот на новото модерно училиште во селото Драчево

94

– Старата зграда сега не може да ги задоволи потребите на
современото образование. Затоа, новиот објект ќе биде на површина од
3.600 квадратни метри и ќе има приземје и два ката на кои ќе бидат
распоредени 19 училници и седум кабинети, канцеларија, подрумски
простории, како и сите други потребни простории. Објектот ќе биде
готов за две години, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода,
Орце Ѓорѓиевски. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека
инвестицијата за новото училиште е над 1,5 милиони евра, обезбедени
од централниот буџет и посака да го користат многу деца

Општината Кисела Вода, својот 69. роденден денеска го одбележа со уште една
капитална инвестиција, поставување на камен-темелникот на новото општинско
основно училиште „Свети Климент Охридски“ во селото Драчево.

Како што истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски,
станува збор за модерен објект. Во стариот објект наставата ја посетуваа 570
ученици. Тој повеќе од еден век воопшто не е обновен и е сведок на детството и
убавите спомени на многу генерации.

– Но, оваа стара зграда сега не може да ги задоволи потребите на современото
образование. Затоа, новиот објект ќе биде на површина од 3.600 квадратни метри и ќе има приземје и два ката, на кои ќе бидат распоредени 19 училници и седум кабинети, канцеларија, подрумски простории, како и сите други потребни простории. Објектот ќе биде готов за две години – истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека Општина Кисела Вода постојано инвестира во образованието, а
како примери ги наведе: опремување на училиштата со дигитални уреди,
комјутери за сите наставници, ранчиња за сите првачиња, униформи за сите
ученици, а во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ се поставени и прочистувачи на
воздух.

Премиерот, Христијан Мицкоски кој присуствуваше на поставувањето на камен-
темелникот на новото училиште дополни дека третиот ден од новата Влада, веќе е
исполнето уште едно ветување пред граѓаните.

– Жителите на општина Кисела Вода, во Драчево ќе добијат училиште по 100
години. Објектот е стар точно 100 години. Јас би сакал да посакам многу деца да го користат овој нов објект, бидејќи децата се нашата иднина и сè што правиме во нашите животи правиме за дечињата, да бидеме горди на тие што ќе нè наследат – изјави Мицкоски.

Тој дополни дека инвестицијата за новото училиште е над 1,5 милиони евра,
обезбедени од централниот буџет.

Тој најави дека се подготвува ребалансот на буџетот и кажа дека во него ќе бидат
обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините.

– Тоа е малку повеќе од тоа што планиравме, бидејќи цениме дека огласот би бил
некаде во август за општините, а веќе од септември да почнат тендерите за
градба, за да се фати есенската градежна сезона. Иако, тоа претставува една
третина од годината, средствата се малку повеќе од една третина. Од оние 15
милијарди кои ги предвидуваме од буџетот за реалокација кон општините, не се
пет милијарди, туку се шест милијарди денари – истакна Мицкоски.

На почетокот на градбата на новото ОУ „Свети Климент Охридски“ во Драчево,
говореше и новата министерка за образование, Весна Јаневска, која истакна дека
ваквите капитални проекти значат камен темелник на подобро образование,
можност за развој, а потоа и искористување на потенцијалите на нашите ученици
во служба на нашата држава, a присуствуваше и директорката на училиштето,
Елена Симоновска.

(A.П.)